Вкупно 10 милиони евра годинава ќе бидат распределени на спортските федерации, клубови и индивидуални спортисти преку системот на спортски ваучер за кој средствата се обезбедуваат преку приватните компании кои имаат можност со издвојување на 50 отсто од данокот на добивка да го инвестираат директно во спортот.
Како што истакна на денешната прес-конференција претседателот на Владата Оливер Спасовски, означувајќи го стартот на проектот за оваа година, тој ја потврдува владината и определбата на Агенцијата за млади и спорт за поддршка на спортот преку создавање најдобри услови за поддршка на спортот. Ваучерскиот систем иако почна да се спроведува лани на крајот од годината, покажал одличен потенцијал и дава одлични резултати.
-Поучени од првичното искуство со мерката во 2019 година, оваа година ваучерскиот систем за поддршка на спортот го почнуваме сега и ќе трае до крајот на 2020 година. Тоа ни дава за право да бидеме уверени дека проектираните средства од дополнителни 10 милиони евра за поддршка на спортот од ваучерскиот систем ќе бидат искористени целосно, односно 100 проценти. Дополнителните 10 милиони евра стигаат до крајните корисници – националните спортски федерации, клубовите и индивидуалните спортисти од олимписки и неолимписки спортови за создавање на квалитетни услови за врвни остварувања во клупскиот и во индивидуалниот спорт, рече Спасовски.
Тој потенцира дека овие средства доаѓаат од стопанските субјекти кои на овој начин ја остваруваат својата улога како општествено одговорни компании.
-Согласно последните доделени средства опфатени биле речиси илјада спортски субјекти и спортисти добиле ваучери и поддршка од државниот буџет нешто што претходно било само мисловна именка. Со ваучерскиот систем приватните компании 50 отсто од данокот на добивка имаат можност да го инвестираат директно во спортот. Тоа значи подигнување на нивото на развој на квалитет на спорот и зголемување на финансиската моќ на спортските клубови. Преку овој принцип ќе се овозможи секој спортски клуб да стане атрактивен и посакуван партнер за успешните стопански субјекти со тоа компаниите покрај сопствената промоција и општествено одговорната работа ќе добијат и мотивација за вложување во спортот, рече Спасовски.
Директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски рече дека 43 национални спортски федерации, 454 спортски клубови и 320 индивидуални спортисти годинава преку ваучерскиот систем ќе добијат дополнителна финансиска поддршка.
Тој се заблагодари на Централната комисија и комисиите во националните спортски федерации за ангажманот во рангирањето на сите клубови и спортисти без кои денес не би можеле да ги поделат ваучерите.
Претседателката на Ракометниот клуб „Металург“ Зорица Блажевска со поддршка на мерката за спортскиот ваучери, која, како што рече, им овозможила во клубот кој западна во финансиски проблеми од 2014 година, да ги надминат проблемите, да се вратат на старите патеки и да ја продолжат успешната приказна.
Спасовски најави продолжување на вложувањата во спортот, а заедно со Каевски и Блажевска ги повикаа приватните стопанственици и менаџерите на компаниите да ја поддржат оваа мерка и како и лани и оваа година да продолжат да вложуваат во спорот.