За националните малцинства постојат одредени квоти на факултетите во земјава, со цел да се обезбедат еднакви можности за образование на националните заедници, кои се малцинство. Во конкурсите кои ги распишува Министерството за образование и наука, еден од условите за идните бруцоши, заедно со останатата документација е доставувањето и на изјава за припадноста на националната заедница која е малцинска група, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Пост на Фејсбук тврди дека Македонците ги нема во графата за национална припадност за запишување на факултет.
Не донесоа во позиција да бидеме ДРУГО по национална припадност во сопствената држава.
Избришана држава, избришана историја, избришан идентитет…
Постот споделува фотографија од документот „Изјава за национална припадност на Медицинскиот факултет при УКИМ“, во кој се наведени графи за заокружување на националната припадност на студентите. Притоа, наведени се сите етнички заедници во С. Македонија. Македонците не се наведени, бидејќи овој документ не е наменет за нив.
Оваа манипулација не е нова. Истата ја ширеа и некои медиуми во 2019 година, но тогаш споделуваа документ од Факултетот за музичка уметност при УКИМ.
Документот не е нов и истиот постои години наназад, а е наменет за младите од националните малцинства кои сакаат да го продолжат своето академско образование.
За националните малцинства постојат одредени квоти на факултетите во земјава, со цел да се обезбедат еднакви можности за образование на националните заедници, кои се малцинство. Во конкурсите кои ги распишува Министерството за образование и наука, еден од условите за идните бруцоши, заедно со останатата документација е доставувањето и на изјава за припадноста на националната заедница која е малцинска група. Оваа изјава се зема предвид само кога во свидетелствата и дипломите од средно образование не е наведена националната припадност на кандидатот.
На оваа манипулација укажуваат и дел од коментарите под постот:
Изјава извадена од контекст! Оваа изјава ја пополнуваат учениците кои конкурираат за упис на факултет. Согласно со Законот за високо образование до 10% од вкупниот број на студенти, се запишуваат припадници на национални малцинства кои немаат факултет на нивниот мајчин јазик/ наречени Национални квоти, се наведува во една од нив.
Според тоа, со сигурност може да се оцени дека постот кој го анализираме манипулира со содржината прикажана на фотографијата и е невистинит.
Извор Мета.мк