Сто млади лица ќе имаат можност да се стекнат со практично работно искуство во времетраење од два месеци преку практикантската програма која Националниот младински совет на Македонија – НМСМ ја спроведува во рамки на проектот „МладиХаб – надминување на нееднаквоста помеѓу младите”.
За да учествуваат во програмата, младите едноставно треба да се пријават дека се заинтересирани за практикантство, потоа НМСМ ќе делува како посредник помеѓу нив и правните субјекти, односно ќе селектира соодветен практикант согласно потребите на правниот субјект. Практикантите кои ќе се вклучат во програмата ќе добијат месечен бруто надоместок во висина од 150 фунти, а воедно ќе се стекнат и со нови вештини, знаења и компетенции. Сите млади кои се заинтересирани за практикантство треба да имаат регистрирано профил на платформата CareerHub и да го пополнат формуларот достапен на овој линк, најдоцна до 18 јуни 2023, до полноќ.
Националниот младински совет на Македонија – НМСМ ја воведува практикантската програма по втор пат. При првото спроведување на програмата, истата резултираше со вработување кај дури 70% од практикантите.
Проектот „МладиХаб – надминување на нееднаквоста помеѓу младите” го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија – НМСМ и мрежата Стела, со финансиска поддршка од страна на Британската амбасада во Скопје. Целта на проектот е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени да бидат поактивни во општеството, да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.