Министерката за одбрана Славјанка Петровска пристигна во неколкудневна посета на Соединетите Американски Држави, каде ќе има бројни средби со високи претставници на американската администрација, вклучувајќи го и секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин.
Петровска во видео-изјава информираше за оваа средба како и за останатите активности во САД, меѓу кои и посетата на Државниот универзитет на Северна Каролина и одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на партнерството помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт во Берлингтон.
На средбата со американскиот секретар за одбрана Остин, порача Петровска, ќе стане збор за иднината, за предизвиците и за тоа како и двете земји да останат гарант на сигурноста и стабилноста на Балканот и на евроатлантската област.