СДСМ нема намера да ги објаснува, ниту да ги толкува изјавите на Христијан Мицкоски. Целата македонска јавност, преку медиумите, го слушна Мицкоски и променетиот став на партијата. Сега, најважно е дијалогот со ВМРО-ДПМНЕ да продолжи. Прифаќањето на уставните измени како и учество во широка Влада за европски интеграции се добра основа, изјави денеска на прес Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
„Сега потребно е да седнеме заедно и да ја продолжиме дебатата, да ја реализираме европската агенда, во интерес на граѓаните и на државата. Нема никаква потреба ВМРО-ДПМНЕ да манифестира толку голема нервоза. Нам ни е јасно е дека промената на ставот можеби дојде наеднаш, дека паднаа во вода сите лаги за францускиот предлог, преговарачката рамка и за договорот“, истакнува тој.
Не е прв пат опозицијата да промени став, истакна Каевски, додавајќи дека овој пат тоа е добро, затоа што може да доведе до заеднички придонес за продолжување на европскиот пат на земјата, секако доколку останат на она што јавно го кажа Мицкоски.
„Сега не е време за нервоза, не е време за политичко ривалство, сега е време на одговорност пред нашите сограѓани и пред иднината на нашата држава“, порача портпаролот на владејачката партија.