За 21 процентен поен порасна поддршката за регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, од 42,4 на 63,3 отсто, покажуваат податоците на последната анкета на Институтот за политички истражувања Скопје.
Анкетата открива дека младите особено ја препознаваат важноста на зголемената регионална соработка меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија, па 70,9 отсто од испитаниците на возраст меѓу 18 и 29 години дале позитивна оценка за „Отворен Балкан“.
Оваа иницијатива исто така е подеднакво, високо популарна кај сите етникуми во земјава. Позитивно за зголемената регионална соработка и економска интеграција меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија одговориле 62 отсто од испитаниците кои се декларираат како Македонци и 67 отсто од испитаниците кои се декларирале како Албанци. Ваквите проценти покажуваат дека „Отворен Балкан“ е точката за која во државата има речиси национален консензус.
Негативно иницијативата „Отворен Балкан“ ја оцениле само 15,9 отсто, што е драстична промена од анкетата пред три години кога речиси 40 отсто од граѓаните биле скептични кон оваа иницијатива.