Важно е државата да исчекори напред и да ги отвориме перспективите за граѓаните. Јас не размислувам за лични позиции, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во одговор на прашање дали би прифатил да биде министер доколку имаме Влада на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.
Спасовски е на ставот дека е потребно политичарите да покажат одговорност пред граѓаните и да се отворат перспективи за младите луѓе.
-Прво ќе видиме како ќе заврши целиот процес на уставните измени. За мене е многу важно државата да исчекори напред, да ги отвориме перспективите за граѓаните, пред се за младите луѓе, да покажеме дека одговорноста како политичари. Така што, воопшто не размислувам за мое лични позиции. Тоа не е важно. Важна е нашата држава и важни се граѓаните, изјави Спасовски по посетата на единицата за службени кучиња во Хиподром.
Во врска со актуелната ситуација со уставните измени тој посочи дека не може да разговара за оваа тема, тоа е нешто што го работат политичките партии во рамките на партиите.
-Владата постојано разговара и презема низа на активности кои ќе значат забрзан чекор кон европските интеграции на државата. И тие одлуки се одлуки за граѓаните. Тие одлуки час поскоро треба да бидат донесени за да се отвори перспективата на граѓаните. А во делот на политичките партии, тие го работат тоа во рамките на партиите. Така да, јас денеска не можам да коментирам за политика, потенцираше Спасовски.