Гувернерот на регионот Липецк попладнево потврди дека групата „Вагнер“ ја минува областа. Неодамна на социјалната мрежа Телеграм беше објавена видео-снимка на која се гледа како камиони го блокираат мостот кој се наоѓа на 97 километри од предградијата на Москва. Почеток на антитерористичката операција најави и градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.
Борците на „Вагнер“ влегле во провинцијата Липецк, речиси 360 километри јужно од Москва. Тоа значи дека Вагнер од утрово напредувал повеќе од 300 километри. Тие вечерва би можеле да стигнат и до Москва.
Иан Бонд, поранешен британски дипломат и актуелен директор за надворешна политика во Центарот за европски реформи, изјави за Скај њуз дека постојат индиции дека платеничката група „Вагнер“ се наоѓа на само 100 километри од Москва.
Властите ги преземаат сите неопходни мерки за да се тарантира безбедноста на населението. Ситуацијата е под контрола, изјави гувернерот на Липецк, Игор Артамонов, откако претходно денеска им порача на граѓаните да останат во своите домови.
Советникот на украинскиот министер за внатрешни работи Антон Герашченко напиша на Твитер „или Пригожин ќе биде уништен во рок од 24 часа со ракетен напад наложен од Путин или ќе го преземе Кремљ и ќе се прогласи за руски воен диктатор. Она што ќе следи ќе биде граѓанска војна и распаѓање на Русија“.
Either Prigozhin will be destroyed within 24 hours by a missile strike ordered by Putin, or he will take over the Kremlin and declare himself as Russian military dictator. What comes next will be civil war and Russia’s disintegration.
My concern is what will happen to the…
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) June 24, 2023
Тој, исто така, изрази загриженост што ќе се случи со илјадниците нуклеарни боеви глави, со проектилите и авионите, доколку Пригожин ги контролира.
Американскиот претседател Џо Бајден денеска разговараше за ситуацијата во Русија со лидерите на Франција, Германија и Велика Британија.
„Денеска претседателот Бајден разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот премиер Риши Сунак. Разговараа за актуелните настани во Русија. Тие, исто така, ја потврдија својата непоколеблива поддршка за Украина“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Г. Т.