Договори за самовработување потпишаа денеска 50 лица од Куманово. Овие, претходно невработени, активни баратели на работа ќе користат грант за набавка на опрема и репроматеријали во вредност од 5.000 или 10.000 евра.
Корисниците на мерката ќе отворат фирми од повеќе дејности, прехранбена, услужна, текстилна, чевларска, но има и адвокати, сметководители, како и лекари кои планираат да отворат свои здравствени установи.
„Услов за да добијат грант е да имаат добра бизнис идеја и претприемачки способности“, изјави раководителката на кумановскиот Центар за вработување, Марија Димитријевски.
Таа информираше дека за мерката имало 116 барања, што потврдува дека е една од најатрактивните опфатени од Оперативниот план за вработување на Владата кој се спроведува преку Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
„Денеска со дел од нив се потпишаа договорите, а поради големиот интерес обезбедени се и дополнителни средства во буџетот на Агенцијата за вработување со ребалансот и се очекува со уште 27 лица да се потпишат договори во најкраток можен рок. Во буџетот на Агенцијата за вработување се обезбедени средства и преку Швајцарска агенција за обнова и развој за уште десет невработени лица, обезбеден е грант за набавка на опрема и репроматеријали, така што овие лица ќе го решат проблемот на невработенот преку самовработување“, нагласи Димитријевски.
Со ова се очекува на ниво на Куманово да се регистрираат 86 нови работодавачи со кои, надлежните од Центарот за вработување сметаат дека ќе креираат нови работни места и ќе придонесат за намалување на невработеноста.
Меѓу условите и договорот што денеска го потпишаа овие кумановци, потребно е фирмите успешно да работат, да ги подмируваат обврските за плата, придонеси, даноци. Доколку не ги исполнат овие услови и ја затворат фирмата во текот на првата година, тогаш враќаат 80 проценти од земените средства за грантот, а во втората 60 отсто.
За да користат грант од 10.000 евра за набавка на опрема и репроматеријали, потребно е две лица, активни баратели на работа да се здружат, да имаат заеднички бизнис план и да основаат друштво со ограничена одговорност.
извор: МИА