Колку и да прозвучува неверојатно едно црковно лице пред верниците да говори невистини и да подбуцнува, сепак епископот Јаков Стобиски го прави токму тоа – употребува тешки квалификации, провоцира и ја подгрева атмосферата пред закажаниот протест. Иако епископот сака да претстави дека е загрижен оти невладините ќе го оковале нашето општество во тоталитаризам, простор за таква загриженост нема. Тоа едноставно не е можно, граѓанските организации немаат на располагање такви инструменти. Така што, перцепцијата на епископот е погрешна, се рабира, доколку говориме за едно здраво, праведно и правично општество, во кое има место и љубов за сите. Па, дури и ако се работи за љубовта и милоста од Бога!, пишува Вистиномер.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Eпископот Јаков Стобиски на прес-конференција по повод протестот против законите за родова еднаквост и матична евиденција, што го организира Македонската православна црква – Охридска Архиепископија на 29 јуни пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, го искажа и следниов спин:
СПИН: НЕВЛАДИНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ СЕ ПЛАТЕНИ ПОД ПЛАШТОТ НА БОРБА ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ЗА ДА ГО ОКОВААТ ВО СВОЕВИДЕН ТОТАЛИТАРИЗАМ НАШЕТО ОПШТЕСТВО
[Извори: Мета – датум: 27.07.2023]
КОНТРАСПИН: Ставот на епископот Јаков Стобиски дека невладините организации сакале да го оковаат општеството во тоталитаризам, е спинерски. Овој негов исказ, заедно со пораката дека „црквата била мета на прогон и линч“, делува несмасно и збунувачки.
Нејасно е како граѓанските организации би го преуредиле целиот општествен, политички и економски поредок во еден тоталитарен систем – режим и со кои механизми би го направиле тоа? Исто така, не е јасно кога и од кого Македонската православна црква била прогонувана и кој ѝ упатувал повици за линч? Просто несфатливо е зошто епископот употребува вакви тешки квалификации и ја подгрева атмосферата пред најавениот протест? Иако, самиот се оградува од злоупотреба на собирот за други цели, од говор на омраза и од скандирање, сепак неговиот настап во најмала рака е провокаторски.
Нашиот Устав овозможува слобода на вероисповест, како и слободно манифестирање на верата, но прави јасна дистинкција на верските заедници од државата. Република Северна Македонија е секуларна држава и тоа е дефинирано уште со Уставот од 1991 година.
Во таа смисла во Член 19 се вели:
СЕ ГАРАНТИРА СЛОБОДАТА НА ВЕРОИСПОВЕСТА. СЕ ГАРАНТИРА СЛОБОДНО И ЈАВНО, ПОЕДИНЕЧНО ИЛИ ВО ЗАЕДНИЦА СО ДРУГИ, ИЗРАЗУВАЊЕ НА ВЕРАТА. МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, ДРУГИТЕ ВЕРСКИ ЗАЕДНИЦИ И РЕЛИГИОЗНИ ГРУПИ СЕ ОДВОЕНИ ОД ДРЖАВАТА И СЕ ЕДНАКВИ ПРЕД ЗАКОНОТ. МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, ДРУГИТЕ ВЕРСКИ ЗАЕДНИЦИ И РЕЛИГИОЗНИ ГРУПИ СЕ СЛОБОДНИ ВО ОСНОВАЊЕТО НА ВЕРСКИ УЧИЛИШТА И НА СОЦИЈАЛНИ И ДОБРОТВОРНИ УСТАНОВИ ВО ПОСТАПКА ПРЕДВИДЕНА СО ЗАКОН.
Света ли е вистината за црковните лица?
Епископот Јаков Стобиски излезе во јавноста со тврдење дека законот за матична евиденција е во собраниска процедура, а законот за родова еднаквост е на чекор до тоа, сепак ова не е вистина. Па колку и да прозвучува неверојатно едно црковно лице пред верниците да говори невистини, сепак тврдењето на епископот за двата закона е неточно.
И ДВАТА ПРЕДЛОГА ВООПШТО НЕ СЕ ВО СОБРАНИЕ, ВЕЛИ ЗА РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА МИНИСТЕРКАТА ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА, ЈОВАНКА ТРЕНЧЕВСКА.
Таа додава:
ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА МАТИЧНА ЕВИДЕНЦИЈА ВЛАДАТА ГО ПОВЛЕЧЕ УШТЕ ЛАНИ ВО МАРТ, ЗА ДА ИМА ПОШИРОКА ДЕБАТА И ДА СЕ ИСПОЛНАТ ОЧЕКУВАЊАТА НА ЦЕЛОТО ОПШТЕСТВО, А ВТОРИОТ, ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА РОДОВА ЕДНАКВОСТ НЕ СТИГНАЛ ДО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА ОТИ Е ВО ФАЗА НА КОНСУЛТАЦИЈА И ДОСЕГА СЕ ОДРЖАНИ 18 ЈАВНИ ТРИБИНИ.
Љубов од Бога, ама не за сите
Настапите на епископот Јаков Стобиски предизвикаа остри реакции во јавноста. Веднаш реагираше Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, таа утврдила дека епископот извршил дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Според Комисијата, тој во јавните настапи искажал понижувачки, навредливи и деградирачки ставови кон трансродовите лица, кои ја охрабруваат дискриминацијата и омразата кон ЛГБТИ луѓето. Комисијата му наложи на епископот да се извини јавно, а доколку тој не го стори тоа, ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација, исто така, остро го осудија повикот за протест на Македонската православна црква и ги повикаа граѓаните да не наседнуваат на манипулативните обиди на МПЦ и на некои други „навидум загрижени групи и здруженија“ кои неосновано тврдат дека законските решенија се закана за овдешната традиција и вера.
Па, иако епископот Јаков Стобиски ја спинува вистината и сака да претстави дека е загрижен оти невладините ќе го оковале нашето општество во тоталитаризам, сосема е јасно дека нема простор за таква загриженост. Тоа едноставно не е можно, граѓанските организации немаат на располагање такви инструменти. Така што, перцепцијата на епископот е погрешна, се рабира доколку говориме за едно здраво, праведно и правично општество, во кое има место и љубов за сите. Па, дури и ако се работи за љубовта и милоста од Бога!