Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Нешто пред седмата минута на „Тема на денот со Сашко Георгиев, претседател на Судскиот совет“ (на Сител, пред околу две недели), водителот (Валентин Николовски) го прашува претседателот на Судскиот совет: „Дали вашиот статус согласно Законот и Уставот генерира толку голема моќ, дури и поголема или еднаква на избраните функционери на избори, што ви дава статус на недопирливи во јавноста? Кому вие одговарате?“
Ова прашање е, суштински, Раселовиот парадокс, сликовито претставен со прашањето – кој го бричи берберот, ако тој ги бричи сите оние што самите не се бричат. Слично како берберот, можеме да кажеме: Шеф е оној кој ги тера да се држат до законите сите оние што сами не се тераат. Кој го тера шефот да се држи до законите? Прашањето на Валентин, алудира кон глава на моќта: Дали шефот на сите шефови си е шеф сам на себе? Сашко Георгиев одговара онолку колку што може да се исцеди од поставеноста на системот: „Одговараме пред законот…“. Но, и сите ние одговараме пред законот и си знаеме кои органи ќе го спроведат законот врз нас (полиција, па суд), доколку го прекршиме. И затоа ваквата поставеност како на претседателот на Судскиот совет, народски се преведува во – шефот (на сите шефови) е семоќен.
Одговорот на Сашко Георгиев е имплицитен одговор дека тој мора сам себе се „бричи“ со законите. Валентин вели „недопирливост“, но Сашко Георгиев инсистира дека системот е кружен, кохерентен – бидејќи законот важи за секого еднакво – па и за него како претседател на Судскиот совет. Системот е поставен така, да зависи од неговото, како што се изразува тој, „чувство“ на одговорност. Сепак, што во случај кога „чувството“ на шефот на сите шефови не би било баш „на нивоу“ (Жика), па не ги применува за себе истите правила што важат за неговите субординирани, а уште повеќе, ниту правилата што важат за личностите од предметите на Судскиот совет? Самиот тој ли ќе „се бричи“ или ќе мора сосем други правила да важат за него? Без друга институција задолжена за проверка и повикување на одговорност, колкави се шансите „чувството“ за одговорност да биде баш онаа одговорност кон системот што таквата врховна функција безалтернативно ја бара, а да не биде „чувството“ на пристрасност кон себе (или друго „заемодејство“ кон колешка/колега)?
Проблемот е решаван во математиката и информатичките науки преку системите што си се обраќаат сами на себе – самореферентните системи. Најпопуларната терапија (бидејќи, нема лек!) против самореферентноста од Раселовиот парадокс се аксиомите на Цермело-Френкел, кои бараат, замисливо, хиерархија по нивоа, потоа, јасно дефинирани услови што мораат да бидат исполнети за секое ниво, и најважното, не случајно наречената „сепарација“, која бара условите по нивоа да се сепарирани меѓу себе преку рестрикции на опфатот за правилата на секое ниво, така што самореферентноста ќе биде невозможна.
Во демократските системи шемата на Цермело-Френкел е максимално можно преведена: Институциите се одвнатре хиерархиски, но шефот секогаш одговара на друг шеф, а тој на трет, итн. – не задолжително по истата хиерархиска линија. Законите јасно го дефинираат и го лимитираат опфатот на делокруг на секоја од институциите. Сепарација (рестрикции на опфатот), првенствено е направена преку главното разграничување на извршна, законодавна и судска власт. Тогаш, шефовите на сите шефови во секоја гранка би требало да се циркуларно одговорни еден кон друг, без директна повратност која би направила самореферентен пар или самореферентно зајакнување на само еден од нив. Тоа е основата на таканаречените проверка и рамнотежа, “checks and balances”, меѓу гранките на моќта во еден демократски систем. Според ова, веројатно би требало еден претседател на Судски совет да одговара пред Собранието и/или Владата, со цел системот да биде кохерентен, а самореферентноста на позицијата Претседател на Судскиот совет, да се поништи.
Значи, хиерархијата и нејзиниот врв, со само на зборови: „Одговараме пред законите“, без институција која ќе ги спроведува тие закони врз Судскиот совет, создава пресилна гранка која може да го колабира системот во дикаторски. Таа гранка, судството, сега е без независна рецензија и затоа, самата, тешко дека е кохерентна во смислата во која Сашко Георгиев ја уверува јавноста. Дури и во најдобра волја за сам да си биде шеф кој ќе ги применува сите правила на себе, неизбежно влегува во божја метафизика во која ќе биде принуден да ги растегнува правилата. Колку подолго седи во врховната самореферентна точка, толку повеќе правилата за него и околните ќе се растегнат до неправила. Сакал или не, поставен е на диктаторско столче.
Желбата за диктатура кај одредена клика може да е и старовремска носталгија по апсолутна монархија, која кореспондира со желбата за помалку одговорности на друга, поголема маса луѓе во системот. Но, не научуваат, ни историски, ни теориски, дека диктатурата е неодржлива и за самите структури што ја посакуваат и не е случајно што секој автократски диктатор помалку или повеќе насилно паѓа. Љубителите на диктатура денес го вперуваат прстот кон демократијата како виновник за падот на автократските икони. Но, не е така, имено, самореферентноста во една единствена точка, во овој Њутнов детерминистички свет е неодржлива на најосновното логичко ниво, создава парадокси.
Во превод, во долгото владеење, еден диктатор мора постојано да прави слалом низ разни околности на самореферентно (само)негирање – да се „бричи“ сам или да се „растегне“ до господ. Ако нема интегритетски шлиф, го повлекува надолу целиот систем и државата доживува ризици. А еден момент на самореферентно (само)негирање може да е многу банален. На пример, може ли еден автократски диктатор да признае дека згрешил? Не, бидејќи со семоќноста тој воедно е непогрешлив, му нема правило што може да го прекрши, семоќен е, сѐ му е правилно што ќе замисли. Но, некое „пониско“ правило кое важи за немоќните? Не, бидејќи, ако згрешил така, тогаш не би бил семоќен. Така, „пониските“ правила, т.е. законите, ќе мора сосем да ги исфрли, не само да ги „растегнува“. Во слична самонегирачка самореферентност се наоѓа следнава реченица: „Ова тврдење е лажно“. Таа не е ни вистинита, ни невистинита, туку е во непоимливо лимбо.
Диктаторот, после кратко владеење веќе смета дека правилата, законите не (му) се добри и почнува 24/7 трката со инфериорни микроменаџирања. Кај нас, доволно е да се погледнат галактички неписмените закони под диктатот на Груевски. Но, не се законите проблем, проблем е што не знае дали и колку може да го врзе својот (не)интегритет со системот. За него – сѐ важи и не важи, истовремено. Диктаторот, носејќи го целосно товарот на самореферентноста на системот, живее во друга реалност, во лимбото на точноста и неточноста, не во нормалната реалност на сите останати и тоа е неговиот неизбежен хендикеп.
Значи, самореферентноста е секогаш присутна, но сепак овозможува долго одржлив систем без самонегација доколку се примени, на пример терапијата од типот на Цермело-Френкел од теоријата на множества – моќта да се сепарира разгрането и разграничено. Три гранки се најмалку (извршната, законодавна и судска власт), со јасни меѓусебни граници и со checks and balances меѓу нив, односно кругот се затвара во најмалку – триаголник -тристрана рецензија на моќта, за да биде кохерентен. На пример, секоја мрза, неодговорност, неоправдана одлука, пристрасност, нејасни граници на делокруг, итн. дури и од највисоката позиција на секоја од гранките, е потенцијално болест за цел систем, но ако моќта е вистински, не само проформа разгранета и разграничена, тогаш меѓусебната контрола и рамнотежа на гранките овозможува „доктор“, рецензент од друга гранка, со што системот се одржува. Затоа не треба бесмислено да се дигаат раце „Ах, не се мешаме“, бидејќи многу е важен начинот на мешање. За разлика од демократскиот систем, диктаторскиот е еднодимензионален (1Д), па неизлечиво се контаминира од секоја точка па до долу, а често смрди уште од главата.
Знаеме и за 1Д структури со помалку формална хиерархија, во која capo di tutti capi е центар на сите поврзаности и има ранлива позиција не помалку од други capi. Таму насилните промени на capi вклучувајќи го и capo di tutti capi, односно постојаната, дословно, свежа крв, го одржува системот. Ова е непожелно, но има што да се научи од помалку формалната хиерархија. Имено, сѐ повеќе организации во светот, практикуваат создавање мрежи со многу гранки на моќ, но без силни центри на моќ во нив. Ваквата терапија против проблемите со самореферентноста математички влече аналогии од системите на решеткасти структури во теоријата на множествата (lattice – како кај кристалите). Таа е алтернатива на сепарационите услови од Цермело-Френкел-терапијата во општеството (со сепарацијата на трите власти во демократските системи). Тие кристални уредувања се речиси нехиерархиски, со хоризонтална егзекутива и циркуларни во одговорностите во доста долги вериги на самоменаџирани тимови – доволно долги да предизвикаат „чувство“ на одговорност на секоја алка во размрежената верига. Сложеноста на процесот на функционирање создава непредвидливост за секоја индивидуа – учесник. Никој не е комотен со непредвидливоста, па постапува максимално одговорно, а притоа многу добива – развива нови способности, добива знаења, се охрабрува за соработка со комплетно неповрзани вериги и добива виза за усложнување на системот со отвореноста на комуникацијата. Овие системи се стремат да постигнат не само резилиентност на организацијата од самореферентноста, туку, уште повеќе, ја впрегнуваат самореферентноста да работи за системот, правејќи го сѐ покомуникативен.
Да споредиме ваква растечка комуникација во напредна структура, со авторитарна структура како ВМРО-ДПМНЕ која бара општеството да биде 1Д линија на диктатура. ВМРО-ДПМНЕ, толку цивилизациски назадно вели – прекин на комуникација. Се обидува и да ја искористи гранката од системот која единствено го дозволува тоа 1Д строење – судството, за оттаму да ја преземе моќта и на другите гранки и да искоти автократија. Медиумите и граѓанството треба да знаат да разликуваат дали таквото мешање е рецензија на гранките на моќ, проверка, со цел баланс на системот или, пак, е трка за самореферентна семоќ која го паѓа системот.
Иако методите, теориски, сѐ уште ни се насочени кон потрага по лек против самореферентноста, таа сама по себе не е лошата вештерка, туку премногу луѓе се сѐ уште во пештера за да го разберат концептот на самореферентноста за да го применат во корист на општеството. Тој е висока технологија што ни е пред носот, а се мачиме да ја вклучиме и на најосновниот мод – триаголникот на проверка и рамнотежа на демократскиот систем. Нашите преговори со ЕУ се вклучување барем на тој основен мод.
Дури и системот на органите во нашето тело е повеќечлена верига во самореферентна врска, без почеток и крај. Организмот функционира во сложена, нелинеарна комуникација меѓу органите. Овој факт, често авторитаристичките рамноземјаши, најчесто конзервативно афилирани или во симпатии (вмровисти, трамписти, итн), не го признаваат: Тие постојано го туткаат нивниот семоќен врховен бог – креатор на човекот, во законите – за прекин на бременост, на пример, а и во сѐ поврзано со репродукцијата и жената. Од нетолеранција кон сѐ посложено од храна и вода, заостанато тормозат цели општества кон линеарен систем на диктатура и врховен пастир од конзервативна провиниенција. Но каква издржливост на концентрираната самореферентност во него може да има таков врховен пастир, со нетолеранција кон комуникација, а камоли сложена, нелинеарна комуникација? Би се красел ли со интелектуална скромност, би бил ли стрплив, истраен, отворен, беневолентен, стратешки талентиран? Но, тогаш би бил либерален, демократичен и прогресивен! Тогаш воопшто не би ни помирисал диктаторство!
Да забележиме дека тоа што институциите се нарекуваат „органи“, означува дека оној кој го конципирал демократскиот систем сметал дека општеството треба да функционира како организам. Решението со демократски систем е понапредно отколку со автократија, бидејќи функционирањето на демократскиот систем е поблиску до функционирањето на еден организам отколку што е автократскиот: Самореферентноста разбиена низ гранки потешко го парадоксира системот отколку една диктаторска гранка на моќ со нестварна самореферентна точкичка на врвот која не знае дали да се „бричи“ или не. Демократијата е првиот основен механизам (како „Аналитичката машина“ на Чарлс Бебиџ за компјутерите), кој ќе води кон уште подобри, поразмрежени системи, додека не ја впрегнеме самореферентноста да работи за општеството.
Засега е доволно да не се враќаме назад кон диктатура. Не му требаат на општеството точки на моќ кои спијат залулкани во моќта на диктаторот и го оставаат организмот на општеството без можности за солидарна рецензија -„доктор“ – да пропаѓа. Зар да оставиме еден дикатор сам, без проверка и баланс, да ја игра играта на опстанок на целиот систем, најчесто – неспособно и малициозно? Во моментот кога ќе поверува дека е највисоко, тој самиот станува грешката која го убива системот.