Претседателот на Алијансата за Албанците (АА) – Др. Арбен Таравари во интервју за ЦИВИЛ Медиа, зборуваше за политичките актуелности во земјава. Тој вели дека во ситуација во која се наоѓа државата во моментов, би била штетна нова политичка авантура како онаа во 2021 година за обезбедување ново парламентарно мнозинство со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Левица.
„Во оваа ситуација, после руската инвазија мислам дека тоа е штетно за државата, би се нашле во нова кризна ситуација, мислам дека на Македонија во моментот не и треба кризна ситуација, бидејќи нели се подготвуваат уставните промени, се чека предлогот на Владата да оди во Собрание, се очекува да се започнат преговори со Европската Унија“, вели Таравари во интервјуто.
Тој нагласи дека АА како политичка партија продолжуваа да имаме понекогаш спротивни ставови, понекогаш и исти ставови со ривалската партија ДУИ, меѓутоа, како што потенцира Таравари, Алијансата за Албанците е алтернативата којашто албанците ја гледаат како политичка партија која треба да ја смени ДУИ.
„Нашата цел и на формирање на партијата и на развивање на партијата беше дека кај албанскиот блок после 20 години има потреба за промени за да дојде една нова генерација на политичари Албанци, Алијанса за Албанците беше токму тоа и во изборите во 2020 година се доближивме многу до ДУИ, мислам да не беше пандемијата и да се одржеа изборите на 12 април, кога повеќе иселеници веќе имаа резервирано карти за да дојдат да гласаат, а бројката беше некаде десет до дваесет илјади, мислам дека ќе се случеше промената кај албанците, меѓутоа, како и да е сега сме во ваква ситуација“, потенцира Таравари.
Од друга страна, најавениот прекин на комуникацијата на опозицкиот лидер Христијан Мицкоски со власта, за Таравари е многу ригиден и неполитички.
„Значи дури војни кога има на крај седнуваат на маса и се договараат, да не збориме во нормални политички ситуации, секогаш треба да има комуникација меѓу чинителите, главните политички чинители, односно политичките партии и таа комуникација треба да се одржува и тој став дека не комуницирам со партии од владеачкото мнозинство е мислам дека не е ни логично, ни конструктивно“, потенцира Таравари.
Дестан Јонузи/ЦИВИЛ Медиа