Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, во интервју за виенски „Курир“ изјави дека изборите во четири општини на северот на Косово во април биле „нагазна мина“, поради што фокусот сега во односите меѓу двете страни не е на нормализацијата, туку на решавање на кризата, пренесува N1.
За Лајчак, договорот за постигнување спогодба во Брисел на 27 февруари, а потоа и во Охрид на 18 март, бил историски момент, но, како што вели, е поткопан патот до неговото спроведување.
„Вонредните избори во април во северните општини беа една од мините и ние за жал ја нагазивме. Во моментов, нашиот фокус не е на нормализација, туку на управување со кризи“, истакна Лајчак, објави Косова прес.
На прашањето што мисли за критиките дека е пристрасен во дијалогот, тој одговори дека непристрасноста му е приоритет.
„Односите меѓу ЕУ и Србија се сложени, како и односите меѓу ЕУ и Косово, а непристрасната работа е мој приоритет“, одговори Лајчак.
Тој изјави и дека петте земји од ЕУ кои не ја признаваат независноста на Косово внимателно го следат епилогот од дијалогот меѓу Косово и Србија.
„Каков и да е резултатот, тоа ќе влијае на нив, но сите сакаат нормализација на односите меѓу Косово и Србија и го поддржуваат мартовскиот договор“, посочи Лајчак.
Тој додаде дека и косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ разбираат колку е важен и во исто време тежок процесот на дијалог.
„И Курти и Вучиќ знаат дека што и да се договорат ќе биде внимателно следено од граѓаните и поради тој притисок им требаше време да развијат работен однос. Се сеќавам дека првиот состанок во 2021 година не беше лесен. Потоа научија меѓусебно да се слушаат и со почит да не се согласуваат, наместо да се навредуваат. Сега се враќаме на управување со криза“, изјави Лајчак.
Г. Т.