Министрите од ДУИ поднеле оставки од функциите кои ќе станат ефективни откако ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени , сметајќи дека „големите одлуки бараат политичка, национална и државна одговорност и жртви од секој од нас“.
Министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција поднесоа оставки од функциите што во моментов ги извршуваат. Оставките, г. премиере, автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени, стои во објавата на Али Ахмети на Фејсбук.
Ваквата одлука ја најави вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи и потпретседател на ДУИ, одговарајќи на новинарски прашања за уставните измени.
Сите нивни барања ги прифативме. Бараа ДУИ да излезе од Владата. Ставот на ДУИ е јасен, одлуката ќе се активира дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа. Дури може сега да ја потпишеме со одложено дејство и таа да влезе во сила дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени, рече Османи на средбата со новинарите.
И вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби во понеделникот на телевизиско гостување рече дека се подготвени да излезат од Владата во истиот момент кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за уставните измени.