Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Да тргнеме од основните координати и перформанси: Северна Македонија е мала земја, оттука, потенцијалите ѝ се мали во споредба со останатите земји, да речеме, на пример, споредбата со една Полска, Чехословачка или Унгарија. Притоа, сите земји на Балканот немаат, а богами ниту може да имаат некоја „своја“ автономија која ќе ѝ дозволи таква екстремизација и радикализација каква што манифестираше синоќа Мицкоски од Кичево.
Пред да преминам на главниот проблем, а тоа е, без разлика кој што ќе рече – Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ! – сакам да ви кажам дека штом наближува месец септември, како по некое непишано правило, земјата станува нестабилна, трошна и на површина излегуваат карактеристични фрустрации потиснати од летната меланхолија.
Кога Мицкоски е во Европа, да речеме, на европјаните им се прикажува како толерантен и очовечен. Од друга страна, кога е дома, како што беше синоќа во Кичево, на тамошните луѓе им се претставува како домаќин, мачо мен и човек со цврста рака. Тоа, да ми простите, по малку ми делува како човекот да е излезен од некоја турска серија, или пак се спрема за главна роља од некоја латиноамериканска, само што овдешниот свет поради шпанскиот јазик таквиот жанр на серии го нарекува „шпанска серија“.
Имено, Мицкоски немаше да дотурка до тука ако не беше намачкан со сите бои. Да го слушнеме што вели! „Ако само еден пратеник ме изневери“, глаголи Мицкоски, „ќе се повлечам од политика“. Факт, не мора да се откаже од политика, на тоа никој не го присилува, ама не можам да не приметам дека Мицкоски – ако беше, пу, пу, пу, скраја било – со вакво однесување ќе беше феноменален фурнаџија.
Но, добро! Како што се ближат деновите за изгласување на Уставните измени, така сè помалку Мицкоски е европјанин, а се повеќе домаќин и мачо мен. И така, миц по миц, гледаме дека не само што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се „патриотска партија“ (што и да значи тоа во нивниот до злабога клаустрофобичен свет), а уште помалку македонска, нема да биде далеку денот – слушајте добро што ви велам! – оваа партија ќе стане безбедносен проблем не само за внатре во државата, туку и за надвор од неа.
За оние неинформираните, ако такви уште постојат, тоа е период кога „партискиот врв“ на ВМРО-ДПМНЕ ги собира парадните плусови и минуси и наслушнува каква е ситуацијата во парламентарните партии кои традиционално даваат морална и логистичка поддршка на „фамилијарните“ луѓе склони на насилство. Еве, гледате и сами: Мицкоски вчера од Кичево почна со својот поход – ја брани партијата од Европа, светот, космосот и Млечниот пат. Како по некое непишано правило: СДСМ треба да биде виновна за сè, демек тоа е „јебена странка“, а ВМРО-ДПМНЕ треба да ни се претстави како „најебена странка“, поточно, дар од небо, благослов и спас за Македонија. Не само што е урнебесно смешно, туку ова може да го дефинираме и како дел од жанрот на некој шпагети вестерн филм.
И сега, што имаме? Ако ВМРО-ДПМНЕ не ги изладат главите, Уставни измени нема да има. Ако нема Уставни измени, Македонија од Европска, станува затворена земја. Со клуч на брава. Во такви околности, пак, Мицкоски ќе бара гласови за првата фотелја во државата. Но, сепак, да бидеме крајно искрени: Мицкоски и неговите „партиски сватоштини“ немаат проблем со вметнување на Бугарите во Уставот, до толку се имаат еманципирано, ама имаат против општонародната омраза да запре и да им се растураат гласовите.
Уставот на Република Северна Македонија не е загрозен со вметнување на Бугарите и останатите малцински народи. Од друга страна, кога имате ваков напади и вакво инаетење, државните органи мора да направат одлучна акција. Во спротивно, ако играме на патриотските чувства, напаѓање на Европа и нејзините вредности, и ако некој мисли дека со „Европа немаме, а со Русија имаме иднина“, тогаш за оваа малечка земја надеж нема.