Трагичната несреќа на градилиште во општина Кисела Вода, каде при уривање на земјан насип еден работник го загуби животот, а тројца негови колеги беа повредени, покрена серија итни институционални и политички реакции. Додека Основното јавно обвинителство и трудовиот инспекторат веќе ги испитуваат причините за несреќата и почитувањето на безбедносните протоколи на локацијата инвестирана од компанијата на поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, советниците на СДСМ во општината побараа итно воведување мораториум на сите градежни активности. Покрај барањето за вонредна седница, опозицијата инсистира на независна ревизија на сите одобренија за градба и проценка на ризикот за околните објекти, порачувајќи дека безбедноста на граѓаните и работниците не смее да биде жртва на институционалното молчење.
Според последните информации од Ургентниот центар, примени се вкупно четири лица, од кои три се со полесни повреди.
Градилиштето е во близина на кафулето „Фејс“ на улицата Козјак. На терен утрово имаше багери и камиони, а местето беше опколено со полиција која не им дозволуваше на новинарските екипи и на минувачите да се приближат до заштитната ограда.
Советниците на СДСМ бараат вонредена седница на советот, итни мерки и одговорност по трагедијата во Кисела Вода
Советничката група на СДСМ во Општина Кисела Вода денеска поднесе барање за итно свикување вонредна седница на Советот, како реакција на трагедијата во која еден работник го загуби животот, а тројца беа повредени. Координаторката на советничката група, Даниела Настова Пиштолова, изјави дека оваа трагедија отвора сериозни прашања за безбедноста на градежните активности и почитувањето на прописите, поради што се неопходни итни мерки и одговорност.
„Оваа трагедија не смее да биде само уште една вест што ќе помине без одговорност. Граѓаните мора да бидат сигурни дека институциите функционираат и дека нивната безбедност е на прво место“, истакна Настова Пиштолова во изјавата за медиумите, изразувајќи сочувство до семејството на загинатиот работник.
На вонредната седница, СДСМ предлага донесување на неколку конкретни одлуки, меѓу кои и итно воведување мораториум на сите градежни активности на територијата на општината. Според нивниот предлог, забраната за градење треба да трае сè додека не се утврди дека градилиштата се безбедни и во согласност со законите.
Дополнително, опозицијата во општината бара формирање на независна стручна комисија која ќе изврши целосна проверка на сите досега издадени одобренија за градба. СДСМ инсистира на целосна транспарентност и јавно објавување на сите дозволи, документи и наоди поврзани со градежните објекти во Кисела Вода.
Покрај институционалните контроли, советниците бараат и итни мерки на терен за заштита на околното население. Тие предлагаат итна проценка на стабилноста на околните објекти и, доколку е потребно, евакуација на лицата кои се наоѓаат во потенцијален ризик поради градежните активности.
„Ова не е прашање на политика, туку прашање на безбедност и човечки животи. Бараме вонредната седница да се одржи без одложување и да резултира со конкретни мерки што ќе гарантираат безбедност на сите градилишта во Кисела Вода“, заклучи Настова Пиштолова. СДСМ побара од општинските власти итно да преземат мерки за санација на последиците од несреќата и да обезбедат поддршка за погодените.
Обвинителството испитува дали биле почитувани мерките за безбедност
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО), информираат дека дежурен јавен обвинител извршил увид на лице место на локацијата во Кисела Вода.
„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на починатиот. Во насока на испитување на причините за несреќата и почитувањето на прописите за заштита при работа постапуваат и Државниот инспекторат за труд и општински градежен инспектор“, наведено е во соопштението од Обвинителството.
Поранешниот градоначалник на Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Коневски е сопственик на компанијата „Нар Инвестмент“ која е инвеститор на зградата во чие градилиште се случи несреќата. На информативната табла стои дека на оваа локација треба да се гради странбено-деловна зграда. Изведувач е фирмата „Јакимовски“ ДООЕЛ Скопје, а проектант и надзор „Сара-4 ДОО Скопје“. Пишува и дека инвеститорот добил правосилно одобрение за градба на таа локација од 09 март годинава.
Работник го загуби животот на градилиште на фирмата на Ивица Коневски, тројца пренесени во болница
Според јавно достапни информации, како што пишува Мета.мк, Коневски е сопственик и основач на компанијата, а Илија Коневски е директор. Основана е во ноември минатата година како друштво со ограничена одговорност.
Ј. Ѓ.






