Артан Груби во коментар на Фејсбук профилот на Максим Димитриевски, го прашува кумановскиот градоначалник, дали тој во Будимпешта договорил ВМРО-ДПМНЕ да му ги даде гласовите на локалните избори со кои стана градоначалник на Куманово.
„Максо, не ти личи да лажеш и да се резилиш вака јавно, освен на телевизија, па да продолжиш да лажеш и на Фејсбук а тоа да ти претставува чин за гордеење. Или ова е само за да бидеш интересен 5 секунди и да те има по портали?
Знам дека е поразително, ама јас во Будимпешта не сум бил никогаш во живот и не сум се сретнал никогаш со било кого ниту во Будимпешта ниту во Унгарија.
Ај веќе кога ти пишав, дај кажи им на твоиве на Фејсбук, дали ти во Будимпешта договори вмро да ти ги даде гласовите на локалните избори на кои стана градоначалник на Куманово?
Ама кажи искрено, немој да лажеш пак!“, напиша во коментарот Груби.
Димитриевски во изјава на Канал 5 за измените во Кривичниот законик, постирана на неговиот Фејсбук профил, го повика Груби да даде детали на што се должела посетата на Груби на Будимпешта.
„Јас имам само едно јасно и многу директно прашање, еве кај вас ексклузивно, за вашата телевизија до господинот Артан Груби, само да објасни на јавноста и да каже како поминал во Будимпешта и да даде детали на што се должела посетата, доколку е точно?! Во оваа држава се прават многу непринципиелни разговори и многу непринципиелни коалиции”, рече Димитриевски во изјавата за Канал 5 телевизија.
Д. Е.