Министерката за одбрана Славјанка Петревска и министерот за одбрана од Словенија Марјан Шарец денеска го потпишаа новиот договор за соработка во одбраната меѓу двете држави.
Петровска на прес-конференцијата, која се одржа веднаш по потпишувањето на договорот оцени дека овој чекор ќе придонесе во градењето на пријателството и меѓусебната соработка.
-Нашите две држави имаат традиционална пријателски дипломатски политички односи. Но среќна сум што соработката помеѓу нашите две држави е и многу повеќе од тоа. Во делот на одбраната веќе подолго време сме дел од заеднички проекти, преку кои како сериозни и посветени НАТО членки придонесуваме во исполнување на целите и политиките на Алијансата од која сме дел. Областите во кои ќе соработуваме се бројни. Но она што е најзначајно, е дека преку реализацијата на овој договор ќе придонесеме кон зајакнување на мирот, довербата, стабилноста и просперитетот на земјите од регионот, но и на целата евроатлантска област, појасни министерката на заедничката прес-конференција со Шарец во Скопје.
Додаде дека билатералната соработка помеѓу двете земји придонела кон подобрување на заедничката имнтероперабилност и колективната безбедност.
-Заеднички придонесуваме во мултинационалните сили на НАТО во Летонија и со тоа јасно покажуваме дека не отстапуваме од нашата најважна цел, безбедна Алијанса и сигурни граѓани. Северна Македонија и Словенија и на регионално ниво имаат исклучително плодна соработка. Заедно ги развиваме балканските медицински наменски сили, чие постојано седиште е тука во Република Северна Македонија и во таа насока да се заблагодарам на Словенија за активниот придонес во оваа иницијатива, децидна беше Петровска.
Посочи дека реформата на кризниот менаџмент е приоритет на Министерството за одбрана и дека во тој процес, како и досега во сите процеси, очекува исклучителна поддршка и помош од Словенија.
Министерот за одбрана од Словенија Марјан Шарец соработката помеѓу двете држави ја оцени како одлична како на билатерално, така и на регионално ниво.
-Редовниот дијалог кој се одвива на сите нивоа на стратешко ниво, помеѓу министрите, државни секретари, директори за одбранбена политика, различни билатерални и мултилатерални формати, секако придонесува кон овие одлични односи. Резултат на се досега споменато е новиот Договор помеѓу Владата на Република Словенија и Владата на Република Северна Македонија за соработката во областа на одбраната. Како многу исклучително важно го гледам е гледам го гледам продлжувањето на соработката во меѓународните операции, мисии и дополнителни можности во оваа област, изјави Шарец.
Тој и се заблагодари на Северна Македонија за помошта која меѓу првите ја испрати по катастрофалните поплави во Словенија. Сто војници на АРМ беа испратени во хуманитарна операција во Словенија во јуни.
Во рамки на настанот се одржа и панел дискусија на која беа споделени искуствата и резултатите од меѓусебните соработки на двете земји во изминатиот период особено на помошта за справување со пожарите.