Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Значи нема да одлучуваат, да откриваат и гонат правосудните државни органи на Клиниката за онкологија, туку ќе одлучува некаква фамозна Комисија за наодите и вештачењата на која госпоѓата Рашела Мизрахи е претседателка, односно, како на филмска лента – ќе арбитрира Мицкоски лично.
Анкетна комисија, ги читам нашите порталчиња (деминутивот „чиња“ не е случаен!) ќе утврдува дали има политичка одговорност за скандалот на Клиниката за онкологија и дали се прекршени правата на пациентите, а на таквата „анкетна комисија“ претседателка е Рашела Мизрахи. Значи, партиска комисија ќе утврдува дали имало ујдурми на Клиниката за онкологија, а уште сега ќе ви кажам што партиската комисија на Мизрахи ќе рече, односно ќе „утврди“.
Ќе утврди Црвен бан. А сега ќе ви кажам што ќе биде и како ќе се утврди. Ќе се утврди она што ќе го кажат медиумите. Медиумите сè уште ништо не кажуваат затоа што таму нема кој да каже. Таму им кажуваат што да се каже, посебно на оние медиуми со „десен предзнак“, а потоа ќе се чека „реакцијата од народот“. Значи ќе се генерира некаква вест, да речеме, „владата на Ковачевски пљачка лекови, дрпа пари, тргува на Црн пазар“, па ако таквата вест фати „мувла“ – па уште ако се генерира народна хистерија – тоа ќе биде утврдено на „Анкетната комисија“. Kaко сега тоа, па нели правда, ред и беспрекорна заштита од повреда на пациентите? Така би требало да биде, ама така не може да биде кога се работи за „Анкетна комисија“ со десен предзнак.
Сега, да одиме во онаа „нормалната јавност“, онаа со човечки предзнак. Имено, здравството во оваа земја не функционира – како што многу работи „њет работет“ – затоа што овде не функционира реалноста. И тоа нема врска со власта на Ковачевски. Тоа има врска со овдешниот менталитет кој е хипнотизиран и излезен надвор од реалноста, како што впрочем, надвор од реалноста се сите „партиски комисии“.
Откако сум жив – а последните податоци говорат дека се работи за 45 лета – здравството, проверено знам, отсекогаш било во „расуло“. Дури и во времето на 90-тите, работите со болниците релативно беа уредени и дотерани како што се уредени и денес. Воена болница и Државна болница се во Скопје, а во внатрешноста отсекогаш се работело со стап и коноп. Само во тоа време немало критика, или ако имало, немало одек, па се трпело и кукало низ раширените локални „мутлаци“ (турски збор, значи – апсолутен). Но, ајде да се вратиме на темата.
Здравството не функционира во оваа земја затоа што не функционира реалноста. Со децении сме опседнати со фантазии, политички халуцинации и „лудаци од раѓање“ од секаков тип, така што Македонија ја претворија во полу-вистинит ентитет, некаков лудачки и на глава свртен Елдорадо. Малку ги слушаме „патриотските“ медиумски пискарала, малку ги слушаме „прогресивните“ – и сите кукаат и врескаат до небо – се треба врски, ако не ќе умреш; се треба пари, ако не ќе умреш итн. Сфаќам дека извесните господа од нашиот политички и „анкетен“ свет, реалноста не ги интересира. Немаат појма колку и што чини, како и каде треба да одиш кога нешто треба да лечиш.
Со тек на време овде се создаде една обратна атмосфера во која „патриотизмот“ и „мудроста“ го одредува степенот на изговорените и напишаните будалштини и бесмислици. Добро, немам сомнеж, ваквите „лудаци од раѓање“ ги има секаде низ светот, само што таквите во уредени општества завршуваат на Тајмс сквер или на Speaker’s corner – а не во забодените партиски „Анкетни комисии“. Па, уште, види, беља – ваквите ќе ти се претставуваат за политичка елита? Види мајката!
ПС.
За политичката халуцинација збор-два: ми затропа синоќа една будала на домашна врата, пијан дупе. Имал нешто да ми каже, сум зборувал по телевизиите нешто со кое тој не се сложувал. Сум зборувал одвратни работи на телевизиорот. Гледате? Таа будала некој ја убедил дека јас сум зборувал „одвратни работи“. Не знаеше да ми каже што точно сум зборувал. Ама убеден беше дека јас сум зборувал нешто одвратно. Гледате, овде и таканаречениот „народ“ не сака да живее во реалноста.
Добро, ако ме прашате како го пречекав гостинот и како го испратив. Фино и класично – доби реторички Црвен бан и марш на спиење, пијандуро!