Како одредена власт или политичка опција се однесува кон културата, тоа го дефинира и нејзиниот однос кон вредностите и уште поважно кон иднината на земјата. Цели 11 години со ДПМНЕ граѓаните видоа какви последици може да има доколку културата се зароби, се стави во улога на криминални и партиски интереси на мала група луѓе, истакна заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во своето обраќање на трибината од серијалот трибини на СДСМ „Разултати што прават разлика“, на тема „Култура за сите, култура над сѐ“.
„Се потрошија речиси 1 милијарда евра за споменици, барок и стиропор во центарот на Скопје додека системски се уништуваше културата. Видовме политички обид за културен инженеринг, упад во културното и идентитетско наследство. Видовме злоупотреба на културата како пропагандно средство за политичка манипулација со чувствата на граѓаните, но и за поделби по етничка линија, на наши и ваши, на подобни и неподобни. Речиси и да немаше сегмент во културата кој не беше оставен во катастрофална состојба“, посочи Лукаревска.
Таа додаде дека дури и градбите за кои се потрошија стотици милиони евра, по само неколку години се распаѓаат и поплавуваат. Дел од нив толку се поплавуваат и се нефункционални што го загрозуваат и културното богатство и затоа мора повторно да се селат и да се санираат.