ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Кога нè боли коленото одиме на лекар. Зошто кога нè боли душата се колебаме да побараме помош?

October 10, 2023 14:10
in ДЕНЕС, ЗДРАВСТВО, ФРОНТ
Ида Протуѓер. Фото: Томислав Георгиев

Ида Протуѓер. Фото: Томислав Георгиев

Share on FacebookShare on Twitter

Пишува: ИДА ПРОТУЃЕР

Денеска е Светски ден на менталното здравје. Темата на овогодинешното одбележување е „Менталното здравје како универзално човеково право“.

Прашањето е како тоа да се оствари?

Ако некој се соочува со мобинг што го прави анксиозен и му го нарушува психичкото здравје, треба да го препознае и да побара помош.

Ако некој се соочува со гаслајтинг (gaslighting) или друга форма на психичко насилство треба да го препознае и да побара помош.

Ако некој се соочува со депресија, треба да ја признае за да побара помош.

Но тоа за жал не се случува често бидејќи се уште постои страв од стигма кога се бара помош за менталното здравје.

Оттука, мојот главен придонес на оваа тема годинава е да се нормализира грижата за сопственото ментално здравје. Во една прилика пишав за средбата лани со двајца Аргентинци на одмор и јас се сетив на фактот дека во таа земја е најголем бројот на луѓе кои одат на психотерапија. Прашав дали го знаат тој факт и ми рекоа двајцата дека не само што знаат туку и самите одат.

Како што одиме на фризер за надворшениот изглед, така се грижиме и за внатрешниот, беше коментарот на соговорничката.

Јас сум психолог, тренер за личен и организациски развој, но и човек што одел на психотерапија. Не сум чувствувала срам да побарам совет кога сум поминувала низ тешки животни предизвици и сум ги надминала на тој начин.

Исто така знам што е паничен нaпад, не бидејќи сум чула од клиенти, туку сум го доживеала.

Моите панични напади почнаа по породувањето со третиот син, кој како предвреме родено дете беше осум недели во инкубатор. Додека беше во болница, апаратите поврзани со инкубаторот кажуваа колку има кислород, колку е срцебиењето, притисокот, температурата. По доаѓањето дома немаше веќе звуци на машините, но молкот стана страшен.

Дали му е добро? Дали температурата е во ред? Како да проверам дали има засилено срцебиење? Еден ден во првиот месец дома, додека му давав неколку капки железо суплемент ми се причини дека се гуши. Почнав да го тресам, не знаев како да проверам дали е се во ред, му се јавив панично на маж ми со плачење и врисок, дојде веднаш дома и излезе дека се што се случило било во мојата глава.

Од тој момент кога ќе останев сама со син ми почнуваше силно срцебиење, потење, чувство дека можам да се срушам и да умрам. Почна да ме фаќа страв од самата себе дека ако пак испаничам можам да излезам од контрола и да го повредам бидејќи го тресев да видам дали е живо. Ги викавме мајките за да не останам сама, па после нападите почнаа да се намалуваат како што моето дете растеше и комуницираше.

Последниот паничен напад беше пред осум години. Тукушто преселена во Виена, ме фати во автобус. Сфаќајќи дека сум во непознат град со мало дете, ми се јави мисла дека ако ми се слоши, некој ќе ми го украде детето.

Да, знам дека двете работи се просто неверојатни, ама сакам да ви пренесам точно што се случуваше во мојата глава затоа што колку и да се бесмислени, нашите мисли знаат да имаат голема моќ врз нашата психичка состојба. Повторно ми се јави срцебиење, потење, страв.

Нашиот организам е така дизајниран, кога ќе се соочи со страв, го активира симпатикусот, а со тоа и стрес механизмот.

Tаквиот дизајн на човекот во предисторијата му помагал да го спреми телото за борба или бегство во услови на живот во дивина. Стравовите кај модерниот човек најчесто немаат врска со диви животни од кои треба да се бега, туку од мисли што не плашат. Но механизмот е истиот.

И ако телесната состојба управувана од симпатикусот трае долго, се лачи кортизол – хормон на стресот. Што прави да не се чувствуваме добро.

За време на мојот тренинг за личен и организациски развој, дојде темата панични напради и првата реченица во скриптата беше: „Од тоа не се умира“.

Научив доста техники за справување, но најважната придобивка за мене беше сознанието дека „јас не сум моите мисли“.

Ние не сме нашите мисли иако се тие дел од нас. Ако се дистанцираме и ги погледнеме од една перспектива дека тие се наш производ и токму затоа моќта е кај нас, да можеме да ги контролираме, преиспитуваме, отфрламе.

Последен пат кога мисла на страв ми предизвика срцебиење беше во авион кога почнаа посилни турбуленции.

Длабоко земав неколку пати воздух, и мислата „што ако..“ ја конфронтирав со контра прашањето: „а што ако не“… и си ставив слушалки на уши и дури си заспав.

Имам психотерапевтка и тука во Виена бидејќи интроспекцијата беше дел од нашата обука и услов за лиценца, како и обврска да го одржуваме нашето ментално здравје.

Ако некое време не ја видам, почнуваат да ми недостасуваат нејзините провокации и поинаква перспектива бидејќи тоа ми е потребно да излезам од мојот патерн на мисли и да погледнам на ситуациите поинаку. Тоа го нудам и како тренер за личен развој и лидерство. Поинаква перспектива, поддршка, насочување на мислите кон ресурси и решенија.

Сите се соочуваат со животни предизвици и соочувањето со нив, барањето поддршка од стручно лице дали за личен развој или како психолошка помош е грижа за себе.

Да се излезе од ситуацијата која не мачи. Да се сфати дека е ок ако не се чувствуваш ок. Постојат решенија и поддршка.

Менталното здравје е еднакво важно како физичкото. Да ги чуваме двете.


Објава на Фејсбук. Преземено со дозвола од Авторката.
Tags: Ида ПротуѓерМентално здравје
Next Post

Ахмети оствари средба со швајцарската амбасадорка Хулман

Shortcut

Најново

Резервисти, Арачиново, јуни 2001 година (фото извор: Википедија)

Судир на сведоштва и тврдења за проектите за поделба во 2001 година

August 16, 2026

Дерала во Voxeurop: Кога правосудството станува оружје, цената ја плаќа целата држава

August 16, 2026
Ивана Климпуш-Цинцадзе (фото: ЦИВИЛ)

Ексклузивно интервју на украинската пратеничка Климпуш-Цинцадзе за ЦИВИЛ МЕДИА: Слободата е нашата религија!

August 15, 2026

Создавањето и пресоздавањето на кинескиот тоталитаризам

August 15, 2026

Џелал Хоџиќ: Мицкоски трча маратон кон ЕУ, но спринт кон „српскиот свет“ (ВИДЕО)

August 15, 2026

НАЈЧИТАНО

  • ЗНМ бара итна истрага од МВР: Смртни закани и повици за насилство кон новинарот Ерол Ризаов

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Што ѝ порача отец Бережној од Православната црква на Украина на Македонската православна црква?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Пацови

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Џелал Хоџиќ: Мицкоски трча маратон кон ЕУ, но спринт кон „српскиот свет“ (ВИДЕО)

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Битка за минатото и слепило за иднината

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk