Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, само три месеци откако ја пофали за работата, сега вели дека ја разрешила директорката на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје Косана Мазнева-Николиќ затоа што не била задоволна од нејзината работа. Според неа, од страна на директорката Мазнева не била реализирана програма „За модерно Скопје“ и затоа вчера била разрешена.
Мазнева-Николиќ е 37-от директор што Арсовска го разрешува откако е дојдена на функцијата градоначалник, односно од ноември 2021 година.
„Јас како градоначалничка кажав дека не е загарантирана ниту една позиција ако не се реализира програмата на град Скопје и она е тоа што го правиме во моментов. Даваме шанса на некој кој веруваме дека во следниот шестмесечен период ќе ги реализира нашите програми“, рече Арсовска одговарајќи на новинарско прашање при потпишувањето Меморандум за соработка со Националната установа Спомен-куќа на Мајка Тереза.
Вчера Мазнева потврди дека не е повеќе на функцијата, но рече дека не ги знае причините.
„Точно е, разрешена сум од директорското место. Причините не ги знам, не ми беа соопштени, ниту пак сум се сретнала со градоначалничката Арсовска. Единствено, ме повикаа службите од град Скопје да си го подигнам решението“, изјави Мазнева за Мета.мк.
Пред само три месеци, за време на штрајкот во ЈП Комунална хигиена Скопје, Арсовска излезе на прес-конференција заедно со Мазнева и рече дека нема да дозволи никој да зборува против неа.
Арсовска рече дека нема да дозволи да ја направат Мазнева виновна за било што, оти таа „се нафатила да се справува со 1.400 вработени, во претпријатие кое било во заложништво на стотина ликови, семејно поврзани, а оние што ги водат се мафијаши“.
„Треба да го поздравите тоа што некој се справува со овие мафијаши после повеќе од 30 години. Оти немало маж доволно силен да се справи со сите нив. Нема повеќе мафијаши да нè уценуваат“, рече тогаш Арсовска.
Нов в.д. директор на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје е Гоце Трајковски, а неговиот мандат е шест месеци, по што Арсовска треба да одлучи дали ќе му го продолжи договорот.
Извор: Мета.мк