Додека тензиите меѓу Србите и Албанците се во пораст, Бугарија ја користи постојната ситуација за да „најде“ што повеќе Бугари на Косово и да им даде државјанство, се вели во анализата на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана, Словенија.
„Косово не е подготвено да спроведе попис на населението во согласност со стандардите на ЕУРОСТАТ во периодот од 1 ноември до 15 декември 2023 година. Пописот е важен за Косово со цел да се соберат веродостојни податоци и врз основа на кои би можел да се планира идниот развој. Иако според методологијата на ОН при пописот на населението не е задолжително да се изјасни етничката и верската припадност на територијата на Косово, но и во регионот, оваа декларација е од најголем (национален) интерес“, се наведува во анализата.
Аналитичарите нагласуваат дека „додека тензиите меѓу Србите и Албанците се во пораст, Бугарија ја користи постојната ситуација за да „најде“ што повеќе Бугари на Косово и да им даде државјанство“.
„Особено на удар се Бошњаците и Горанците, чиј број значително ќе се намали поради агресивноста на Бугарија, која од нив создава „нови Бугари“ токму со доделување државјанства и бугарски документи. Бугаризацијата на Косово е засилена токму поради пописот, затоа што Бугарија сака преку пописот да го легализира присуството на Бугарите во структурата на косовското население, а следниот чекор е да ја вклучи бугарската заедница во уставот, како што веќе се бара од Република Северна Македонија. Целта е Бугарите и официјално да станат една од т.н немнозински заедници во Косово“, се истакнува во анализата.
Аналитичарите сметаат дека во однос на патните исправи (пасоши) издадени од Србија на Србите од Косово, т.н. хрватскиот модел, кој ЕУ го користеше кога станува збор за имателите на хрватски пасоши, кои слободно патуваат во рамките на ЕУ, без разлика дали хрватските државјани престојувале во Хрватска, Босна и Херцеговина или некој друг дел од светот.
Албанците од Косово со албански пасош можат слободно да патуваат во Европа, што би требало да им биде овозможено и на косовските Срби, кои имаат српски пасоши издадени во Србија со место на живеење во Косово.
Подготви: Ј. Ѓ.