„Ние знаеме што ќе се случи ако нема уставни измени, тоа ни е познато, тоа значи дека ќе мора граѓаните да одлучат помеѓу својата иднина во европските интеграции и завршување на преговорите за некои 4-5 години или во агонија од 15 години која што во меѓувреме ќе ја зајакне позицијата на Бугарија, ќе даде аргументи на бугарската страна и ние ќе бидеме перципирани како оние кои што го прават проблемот“, истакна Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на „Топ тема“ на Телевизија Телма.
Тој додаде дека не мисли дека е тоа реалноста и дека сега владеат апсолутно високи демократски стандарди.
„Ние многу пати како власт и како влада сме жртвувале дури и носење на некои одлуки само за да има валиден демократски процес и за да граѓаните го кажат своето мислење или граѓанските организации или политичките противници“, рече Маричиќ.
Вицепремиерот вели дека крајно време е да се отвори темата зошто ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја блокираат оваа држава на патот кон ЕУ
„Не може да има одговорност во оваа држава за се освен за оние што блокираат. Крајно време е да се отвори темата зошто ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја блокираат оваа држава на патот кон Европската Унија“, истакна Маричиќ.
Тој додаде дека цената треба да ја платат оние кои што ја држат сопствената држава во заложништво и кои што сакаат самите да се закочиме себеси и да и дадеме аргументи на Бугарија.
„Јас мислам дека не треба да им се прости на оние кои што ја држеа заробена државата 11 години и кои што сакаат повторно тоа да го прават и на сите оние кои што им помагаат во тоа, сите оние кои што сакаат да не оддалечуваат од ЕУ да не приближат кон Русија или да не приближат кон оние центри на моќ што се активно против нашето членство во ЕУ…“, заклучи Маричиќ.