Одлука за прекинување на ТВ емисија или ТВ дебата може да донесе новинарот, или уредникот/ главниот уредник, а не директорот или менаџментот на телевизијата, особено не со директно јавување во живо, во кое бара од поканетиот гостин да ја напушти емисијата! – напиша медиумскиот експерт Петрит Сарачини, по повод немилиот инцидент во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, во која се вмеша директорот Иван Мирчевски и буквално го избрка гостинот од студиото – угледниот интелектуалец и експерт, Исмет Рамадани.
„Освен што може да се толкува како цензура и кршење на слободата на говор, тоа што го видовме денес на Канал 5 може да се смета и како директно кршење на автономијата на редакцијата од страна на менаџментот“, напиша Сарачини.
„Така се гледа на овие работи во демократски земји“, пишува Сарачини и ги предизвика професионалните и етичките новинарски тела.
„Како ќе реагираат на овој инцидент професионалните и етичките новинарски тела, ќе видиме деновиве. Тие реакции ќе бидат огледало во кое ќе се рефлектира капацитетот на новинарскиот еснаф да ја одбрани независноста и дигнитетот на професијата!“ – заклучи Сарачини во својата реакција на социјалните мрежи.
Преземено: Цивил Медиа