„Мојата лична перцепција е дека зелените теми не се доволно застапени би рекол во мејнстрим медиумите. Помали медиуми кои претендираат да се бават со истражувачко новинарство преку репортажи или анализи знаат во своите медиумски содржини да ги обработуваат овие теми. Меѓутоа, треба да се знае дека со цел темите да бидат претставени и граѓаните запознаени во поширок контекст, потребно е и оние традиционални, големи, медиуми посебно да обрнуваат внимание на овие теми малку од аналитичен аспект“; вели Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ, во интервјуто за ЗЕЛЕН Цивил.
Со Секуловски разговаравме за застапеноста на зелената агенда во медиумите и нивниот интерес да информираат за зелени прашања, злоупотребата на зелените теми, како и за соработката меѓу медиумите и институциите надлежни за спроведување на зленеата агенда.
ЗЕЛЕН Цивил: Колку е реална зелената агенда во Северна Македонија?
Секуловски: Постои впечаток дека самиот концепт не е доволно познат, не само на пошироката популација, туку и на група новинари што таргетираат теми од ваков карактер. Во основа Македонија како земја кандидат има обврски да изработи одредени теми, одредени прашања да ги обработува со цел да даде придонес кон одредени политики што ќе ја направи нашата земја конкурентна на европскиот пазар што ќе покаже дека се грижи оние производи што се важни за обичниот човек исполнуваат одредени стандарди, еколошки и добри за животната средина. Извештајот на ЕК тврди дека земјата покажува одредена подготвеност во имплементирањето на енергетските теми и политики и зелената агенда. Меѓутоа, во делот на препораки во Извештајот се вели, не само Северна Македонија, туку и целиот регион на Западен Балкан потребно е да има конкретен инвестициски план, да ги забрза своите реформи и да стави малку поголем политички приоритет на истите. Малку не фалат, но од друга страна нѐ критикуваат дека треба да сме малку повредни, поконструктивни при креирањето на овие политики.
Ако се земе предвид буџетот за 2024, треба малку да не загрижи, бидејќи не излегува во пресрет на препораките на ЕК и вели дека колку ние да се трудиме и да имаме дебати во Собрание, во граѓанскиот сектор или на ниво на институции, државата многу малку пари одвојува за имплементирање на овие политики. Според буџетот може да се види дека буџетот е намален за 8% за планирање на Министерството за животна средина како надлежен орган.
ЗЕЛЕН Цивил: Колку медиумите имаат интерес за зелените прашања и агенди?
Секуловски: Мојата лична перцепција е дека овие теми не се доволно застапени би рекол во мејнстрим медиумите. Помали медиуми кои претендираат да се бават со истражувачко новинарство преку репортажи или анализи знаат во своите медиумски содржини да ги обработуваат овие теми. Меѓутоа, треба да се знае дека со цел темите да бидат претставени и граѓаните запознаени во поширок контекст, потребно е и оние традиционални, големи, медиуми посебно да обрнуваат внимание на овие теми малку од аналитичен аспект. Не сметам дека е доволно да се има една минута во вести тема што направило МЖСПП, туку потребен е малку поаналитички пристап и да се презентираат на граѓаните со поголема внимателност со цел да се доближат овие вредности на начин што тие ќе ги разберат.
Драго ми е да кажам дека ЗНМ веќе подолг период спроведува иницијатива што е под покровителство на ОН, односно на УНДП канцеларијата во Скопје. Насловот е: Справување со загадување на воздух, зајакнување на јавна свет за проблемите и можните решенија. Секоја година објавуваме повик за новинарски награди. Наградите се еден вид на механизам, форма на покажување со прст кон оние што се позитивни примери и што ги исполнуваат и промовираат етичките стандарди, наспроти некои други кои не се придржуваат, за жал, до етиката. На последниот повик во 2022 година се пријавија над 40 апликации од медиуми од целтата држава. Тоа не е мала бројка и нас ни говори има медиуми што посветуваат внимание на теми поврзани со зелена агенда. Повеќето од овие теми се навистина квалитетни, имаше силна конкуренција, што ми дава надеж дека има позитивно помрднување во делот на медиумското известување и постојат медиуми кои во последните години обрнуваат внимание на теми што се важни за унапредување на познавањата на граѓаните за самата животна средина.
ЗЕЛЕН Цивил: Кои теми или аспекти од зелените прашања се опфатени во овие конкурси?
Секуловски: Речиси во сите теми преовладува моментот на злоупотреба на моќ, без разлика дал ие тоа на централно или локално ниво. Имајќи предвид дека и насоката е загадување на воздух, сепак, спорадични теми се поврзани и со дрво сеча, со комбинатите што произведуваат одредени продукти, а при тоа не исполнуваат одредени стандарди како и дали да намалат загадување на воздухот, па сѐ до главниот транспорти сообраќај низ главниот град и другите поголеми градови низ државата. Темите се повеќе општи, но целта е дека сите тие не грижи од оние што произведуваат одредени услуги или добра и притоа немарно сакајќи ли не ја загадуваат природата, на крајот на денот прават штета на сите граѓани. Воздухот сите ние го дишеме, тоа е нешто што е елементарно и ако навистина не се грижиме за самите себе и нашите нови поколенија, тоа би било себично од наша страна. Затоа е важно и самите медиуми да обрнуваат внимание на овие теми. Да, корупцијата е апсолутно важен елемент, но од друга страна тоа што можеби недостига се репортажи и теми што не секогаш зборуваат за одредени криминали, туку за важност на овие теми со цел и самите граѓани да се замислат и да ги сменат своите навики.
Кога станува збор за животна средина не може ние да се надеваме дека ќе дојде некој и дека ќе не спаси од диви депонии или навики да не фрламе смет на секое ќоше. Понекогаш ние самите себе треба да се прашаме како ние како единки можеме да придонесеме во овој генерален наратив. Затоа е важно и самите медиуми да имаат едукативен пристап и да придонесат кон кревање на свеста за овие прашања.
ЗЕЛЕН Цивил: Каков е односот или соработката меѓу медиумите и институциите или главните чинители одговорни за зелената агенда во било кој нејзин сегмент?
Секуловски: Кај нас во ЗНМ, често стигаат поплаки кон одредени институции колку се транспарентни или нетранспарентни. Конкретно кон институции поврзани со овие теми не сме имале посебна пракса. Обично поплаките или претставките обично стигаат за клинички центри, безбедносните структури, но тоа што е генерален предизвик е ако се бараат информации врзани со пристапот до информации од јавен карактер. Многу често самите надлежни установи го чекаат оној последен рок што е 30 дена да ја достават таа информација. Тоа е предизвик посебно во делот на истражувачкото новинарство ако тие бараат информации од повеќе институции. Ако се земе предвид дека го користат крајниот рок, влијае на демотивирање на новинарите да го работат тоа како прашање, меѓутоа така актуелноста се губи. Ако е нешто релевантно сега во моментот, а самата институција се повикува на законски рок, едноставно ја убива темата на самиот почеток и не дозволува истата да биде пренесена со итноста која што се бара. Тоа секако зависи и од конкретните теми.
Имаме примери каде истражувачки стории се работат и со години и тоа е сосема нормален стандард, но понекогаш поради важноста на некои теми треба и самите институции да земат предвид дека новинарите понекогаш имаат и итна потреба. Тоа не е за нив лично туку е за граѓаните кои треба навремено да знаат што се случува со одредени прашања.
ЗЕЛЕН Цивил: Дали, според Вас, институциите и властите на централно и локално ниво, поседуваат доволно капацитети за реализација на зелената агенда?
Секуловски: Околу капацитетите не може да се изведе некоја општа оценка. Тоа зависи од министерство до министерство, од општина до општина. Мојот впечаток е дека ако одредена установа без разлика дали е на централно или локално ниво имаат ставено контакт на веб страницата на лице за односи со јавност или со информации од јавен карактер, со тоа е завршиле работата. За жал, во реалниот живот тоа не е така. Треба да се разбере дека не нужно да се има двонасочна комуникација и дека понекогаш и самите тие треба да имаат иницијатива да се споделат одредени информации што се важни посебно поврзани со теме за зелената агенда. На тој начин ќе ги мотивирате и самите медиуми и новинари за одредени теми. На тој начин се придонесува и кон ангажирање на јавноста. Сме имале ситуации неколку пати да бидеме поканети и на општинско и на централно ниво да бидеме таканаречени медијатори кога имало недоразбирање или проблем меѓу самите институции и новинарите. Нашиот совет секогаш бил дека секогаш е добро да се има редовни брифинзи, па дури и да нема конкретна тема. На тој начин се влева и доверба меѓу институциите и новинарите. Многу е важно да се негува тој коректен однос.
За жал, 2023 година ќе биде и малку негативно меморирана во начинот како одредени политичари се однесуваат кон новинарите. Десетици пати сведочевме кога има непримерно однесување, користење зборови што можеби не се соодветни за јавна комуникација. Од друга страна треба да се знае дека самите политичари кога се обраќаат кон новинарите мора да имаат однос кој што ќе ги цени нив како некои кои ги даваат информациите. На крај на денот новинарите не работат поради нив туку за граѓаните и јавноста. Сѐ додека тоа не се разбере мислам дека ќе имаме проблем. Но, имаме и позитивни примери и затоа се трудиме да ги охрабриме да продолжат со позитивната работа ,а оние што се однесуваат непримерно кон новинарите не ги штедиме и јавно ги критикуваме. Тоа не го правиме дека имаме некој личен проблем, напротив, тоа е принципиелно однесување и треба да се разбере тајната во добрата комуникација е да се има отвореност и искреност и да не се обидуваат да се потценуваат новинарите. Никој не е во ситуацијата наивен и тоа треба да го знаат оние што имаат одговорност да одговараат.
ЗЕЛЕН Цивил: Дали можеме да зборуваме за злоупотреби на зелени теми во односот медиуми и институции или постојат ли злоупотреби од институциите за теми кои се спротивни од агендата?
Секуловски: Во контекст на злоупотребите, ќе се навратам на Извештајот на ЕК кој за жал констатира дека Македонија сѐ уште има актуелен проблем во делот на корупција. Државата се мачи да најде капацитет како да ја реши. Таа корупција според Извештајот и други наоди од граѓански организации кои работат на тема злоупотреба на моќ, велат дека корупцијата и на локално и на централно ниво во разни форми. Не би рекол дека таа не е присутна во теми поврзани со зелената агенда. Ако е присутна во судство или правда или во други сектори, логично е дека ќе биде присутна и тука. Како ќе се бориме, важно е да го има и правосудниот систем. За жал, гледаме дека има и негативни информации што произлегуваат од работата на самите правосудни органи, пред сѐ на судовите. Тоа не е моја лична перцепција, таа е мерена и степенот на перцепција е релативен низок. Тоа е пораз за целото општество бидејќи оној момент на балансирање траба да се најде на средина кога и самите медиуми и новинари, но и самите правосудни органи ќе демонстрираат отпорност кон обидите за притисоци, бидејќи така ќе покажат дека навистина работат за граѓаните, а не за некои туѓи интереси.
Биљана Јордановска / Цивил Медиа
камера и монтажа: Ариан Мехмети