Естонија ќе испрати пакет воена помош од 80 милиони евра за Украина, кој вклучува и противтенковски ракети Javelin, објави естонското Министерство за одбрана на платформата за социјалните мрежи Икс.
„Естонија одлучи да и испрати на Украина пакет воена помош од 80 милиони евра, вклучително и противтенковски ракети Javelin. Борбата за слобода на Украина може да успее само ако сојузниците продолжат да им помагаат на Украинците“, се вели во објавата.
🇪🇪 #Estonia had decided to send 🇺🇦 #Ukraine €80 million military aid package, including #Javelin anti-tank missiles.
Ukraine’s fight for freedom can only succeed if allies continue helping Ukrainians. #StopRussianAggression
Read more: https://t.co/65LuTuV6IT pic.twitter.com/30vxqZA8zD
— MoD Estonia (@MoD_Estonia) December 14, 2023
Естонија беше една од првите земји што ѝ обезбеди на Украина одбранбена помош дури и пред почетокот на руската војна во полн обем на 24 февруари 2022 година, испраќајќи ги противтенковски ракетни системи Javelin кои пристигнаа во Украина на 22 февруари.
Според соопштението на естонското министерство за одбрана, Естонија обезбеди речиси 400 милиони евра, или повеќе од 1% од БДП, воена помош за Украина. Претходните донации вклучуваа проектили за противтенковски ракетен систем Javelin, хаубици, противтенковски мини, фрлачи на противтенковски гранати, минофрлачи, возила, опрема за комуникација, медицински материјали, лична заштитна опрема (шлемови, итн.) и пакети со сува храна . Во соработка со Германија, Естонија и донира на Украина две теренски болници и медицински материјали во вредност од речиси 15 милиони евра. Естонија и донира трета теренска болница на Украина во соработка со Холандија и Норвешка, кои обезбедија 7,8 милиони евра како поддршка за проектот.
Предходниот пакет за помош на Естонија вклучуваше полуавтоматски пушки, снајперски пушки, нишани, двогледи, муниција, индивидуална и специјална опрема, патролни чамци и термални камери. Дополнително, се донира и медицинска опрема. Вкупната вредност на воената помош е 494.300 евра. Со донирање опрема не трпат обуката и воените капацитети на одбранбените сили, се вели во соопштението на министерството за одбрана на Естонија.
Во рамки на програмата „ Seeing is Believing“ за градење на јавното разбирање за НАТО и отпорноста на Балканот, ЦивилМедиа, заедно со група новинари од Северна Македонија и Црна Гора на почетокот на декември престојуваа во Талин, Естонија, каде остварија средби со Генералниот секретар на Министерството за надворешни работи, Јoнатан Всевиов и со Петер Куимет, раководител на Одделот за меѓународна соработка во Министерството за одбрана, кои ја истакнаа решителноста на Естонија да продолжи да го поддржува Кијив во одбраната од руската агресија, не само заради Украина, туку и дека победата во војната е од големо значење и за Естонија, Европа и целиот свет.
Предходно, Политико ја објави заедничката порака на естонската премиерка Каја Калас и финскиот премиер Петери Орпо, кои побараа континуирана поддршка од ЕУ за Украина.
Премиерите на Естонија и Финска побараа од ЕУ да го одржи курсот со Украина и да се погрижи да преовлада слободата.
Ќе помогнеме во одбраната на Украина. Нема да бидеме загрозени и нема да правиме компромиси за слободата и безбедноста ниту на украинскиот народ, ниту на нашата, истакнаа тие во заедничката ијава.
Според Евробарометар, 87 отсто од Естонците или целосно се согласуваат или имаат тенденција да се согласат дека ЕУ треба да продолжи да покажува солидарност со Украина. За Финска оваа бројка е 88 проценти. Ова зборува за непоколебливата решеност и на Естонците и на Финците да ја поддржат Украина.
Вкупната билатерална помош на Финска за Украина изнесува 2,2 милијарди евра и вклучува 20 пакети одбранбен материјал, како и развојна соработка, хуманитарна помош и цивилна материјална помош. Покрај тоа, Финска е еден од најголемите донатори на Украина во ЕУ за опрема во енергетскиот сектор, како што се генератори и трансформатори.
Д. Мишев / Цивил Медиа