„Неодговорно е да се прават опструкции на Влада за која ВМРО ДПМНЕ се согласило, партиципира и која е од техничка, а не политичка природа, а има за цел да обезбеди фер и демократски изборен процес“, вели во изјава за „Фронтлајн“ – претседателката на ЛДП и пратеничка во Македонското Собрание, Моника Зајкова, зборувајќи за опструкциите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на техничката Влада, како и кон евроинтеграцискиот пат на земјата.
– Tехничката Влада доаѓа како резултат на Пржинскиот договор во кој учествуваа четирите најголеми партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и ДУИ, во тоа време. ЛДП не беше ни прашана за тој договор. Оттука неодговорно е да се прават опструкции на Влада за која ВМРО ДПМНЕ се согласило, партиципира и која е од техничка, а не политичка природа, а има за цел да обезбеди фер и демократски изборен процес. На крајот од денот тие технички министри се платени од граѓаните и треба да обезбедат функционалност и континуитет на државата и добробит на граѓаните во овие 100 дена. Ако некој има страв и недостаток на самодоверба треба да поработи на себе, изјави Зајкова за „Фронтлајн“.
Кој ќе победи на изборите, истакна таа, ќе одлучат граѓаните со нивниот глас.
– Нашите очекувања се дека ќе победат прогресивни сили кои државата ќе ја однесат напред и дека до 2030 година ќе ја видиме рамо до рамо со другите европски држави. Јас лично сакам да ја видам Македонија прогресивна и реципрочна со прогресивните земји во Европа. Македонија која има визија за развој и во која граѓаните живеат среќен и квалитетен живот, потенцира претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова.
Дестан Јонузи
Поврзано:
ВМРО-ДПМНЕ во „канџите“ на деструктивноста – не им е важен државниот интерес