ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home АНАЛИЗИ

Како кинеската пропаганда ја обликува перцепцијата за Кина во светот и кај нас?

February 16, 2024 14:27
in PMD, АНАЛИЗИ, ДЕЗИНФОРМАЦИИ, ДЕНЕС, СВЕТ
Фотомонтажа; Д. Мишев / ЦивилМедиа

Фотомонтажа; Д. Мишев / ЦивилМедиа

Share on FacebookShare on Twitter

Пишува: АНА КРСТИНОВСКА

Народна Република Кина во последните четири децении постигна огромен економски напредок и успех во подигнување на стандардот и квалитетот на живот на своите граѓани. „Фабриката на светот“ се позиционираше како главен глобален извозник и неодминлив економски партнер на речиси сите држави, вклучително и Македонија. Во логичен след на настаните, паралелно со економското јакнење, во последната деценија Кина започна да пројавува амбиции да се наметне како глобален играч и на други полиња, почнувајќи од културата и спортот, преку научно-технолошкиот развој во клучни области како обновлива енергија, електрични возила, вештачка интелигенција и истражување на вселената, до регионалната стабилност во различни делови од светот, глобалната геополитичка и геоекономска поставеност и размислувањата за светскиот поредок.

Една од клучните алатки која Кина ја користи за да ја наметне или зајакне својата доминација е манипулирањето со информацискиот простор, како дома, така и кон надвор. Притоа, за разлика од Русија која во голема мера се потпира на ширење дезинформации и лажни вести, главна одлика на кинескиот пристап е ширењето на пропаганда во комбинација со строга контрола на протокот на информации. Целите на тие активности во различни периоди се различни, но во основа насочени кон тоа „да се раскаже добро кинеската приказна“, според зборовите на кинескиот Претседател Ши. Тоа значи да се зајакне ширењето на кинеските официјални наративи и позиции, наспроти доминантните наративи на Западот за различни прашања од интерес за Кина и светот.

На пример, на надворешно-политички план Кина се обидува да ја прикаже сопствената економија како стабилна и отворена со цел да ги задржи странските инвеститори, да ги побие западните тврдења за масовно кршење на човековите права во Шинџианг или да обезбеди легитимитет за своите територијални претензии во Јужнокинеското море. Дома, наративите се насочени кон прикажување на Кина како глобално-конструктивен играч, промовирање на кинеските достигнувања и демонстрирање на кинеската супериорност во поглед на САД и останатите западни држави. Додека пропагандата кон надвор е релативно нова појава која започнува во мандатот на Претседателот Ху и особено се интензивира во мандатот на претседателот Ши, пропагандата за домашни цели има долга традиција.

За разлика од западните држави каде што слободата на изразување е неприкосновена вредност, контролата на информациите и наративите како концепт во Кина нема негативна конотација, туку се перцепира како легитимна алатка за постигнување на општествените цели, информирање и едуцирање на населението. Обединетиот фронт е органот на Кинеската комунистичка партија задолжен за унифицирање на пристапот кон пропагандата и негово интегрирање низ сите општествени полиња, како што се образованието, војската, медиумите, дури и приватниот сектор.

Иако во научната јавност сè уште нема консензус за тоа како точно функционира Обединетиот фронт и колкав е неговиот опфат, посебно кога станува збор за операции за влијание надвор од Кина, се препознаваат две јасни тактики за контрола на информацискиот простор. Првата е ширење на единствено позитивни информации за Кина кои имаат за цел да го оправдаат или легитимизираат кинеското делување дома и во странство или да претстават различни апсекти и појави поврзани со Кина во ексклузивно позитивно светло.

Втората тактика е строга контрола на информациите кои се спротивни на кинеските официјални – одобрени наративи или пак критички информации за Кина преку цензура. Цензурата ги опфаќа традиционалните и социјалните медиуми, контролирајќи го протокот на информации во и кон Кина, како и протокот на информации од Кина кон надвор. Дополнително, The Great Firewall, систем којшто опфаќа комбинација на легислативни акти и најсовремена технологија, претставува моќна алатка за цензура на интернетот во Кина. Така, социјалните мрежи и повеќе дигитални алатки кои сме навикнати да ги користиме, како Facebook, Instagram, Twitter, Youtube, Viber, Whatsapp или апликациите на Google не се достапни во Кина. Кина има своја мрежа на социјални медиуми и алатки за комуникација, како што се Wechat, Sina Weibo, Tencent QQ или Douyin.

Самата големина на кинеската држава и ресурсите кои ги поседува имплицираат дека може да алоцира значајни ресурси, како човечки така и финансиски, за постигнување на сопствените цели. Кинеската пропаганда се потпира на добро развиена мрежа на традиционални медиуми, вклучително и телевизиски и радио станици кои се достапни во повеќето држави во светот. Имено, Кинеското интернационално радио (China Radio International – CRI) има вебсајт и емитува програма на многу странски јазици, вклучително и албански и српски, јазици кои се зборуваат од страна на мнозинството граѓани во Западен Балкан. Кинеската глобална телевизиска мрежа (China Global Television Network – CGTN) е достапна преку дигиталните оператори во Северна Македонија на англиски јазик и има Фејсбук профил на македонски јазик. Освен тоа, преку билатерални договори за соработка, програма од кинеските медиуми се презема од локални медиуми, како што се на пример радио Ејани во Албанија или Welcome to Fun радио во Србија, со што се зголемува влијанието на кинеската пропаганда во странство.

Секоја држава во светот има легитимно право на јавна дипломатија, односно да ги промовира својата култура, јазик, достигнувања на различни полиња, вредности и визии за светот дома и во странство и Кина секако не е исклучок. Но, за да можат да изградат информиран и издржан став, граѓаните на другите држави и пред сè креаторите на политики и јавно мислење треба да имаат пристап кон целосни и точни информации за таа држава, анализи, толкувања и мислења од различни, објективни и проверени извори. Слободата на изразување и мислење е камен темелник на демократскиот плурализам којшто треба да функционира во спрега со интегритетот на сите чинители кои имаат моќ да влијаат врз информацискиот простор и следствено имаат обврска да го заштитат од манипулации. Во тој контекст, медиумите, новинарите и граѓанските организации имаат општествена одговорност да работат на медиумската писменост и на поттикнувањето информирана јавна дебата за Кина, нејзиното глобално присуство и билатералната соработка.


Д-р Ана Крстиновска е претседателка и истражувач во ЕСТИМА, тинк тенк организација која го проучува кинеското присуство во Европа. Таа е исто така истражувач во платформата CHOICE – China Observers in Central and Eastern Europe од Прага и истражувач во Грчката Фондација за надворешна и европска политика ЕЛИАМЕП од Атина.


Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА. Текстот е личен став на Авторот.


ЛИНК ДО ПУБЛИКАЦИЈА


#ОслободиГоУмот
#LirojeMendjen
#TromalkerenTumariGodi

Оваа анализа е дел од проектот „Ослободи го умот“. Проектот е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

Tags: дезинформацииКинакинеска пропаганда

НАЈНОВО

Во македонскиот КИЦ во Тирана изложба на дела на жени уметници од повеќе земји

May 19, 2025

Уставен суд: Поништувањето на изборот на судијката Дуковска е правен преседан, подготвителната седница за Законот за јазиците одложена

May 19, 2025

Британскиот премиер Стармер ја нарече ситуацијата во Газа „неподнослива“

May 19, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Мицкоски „пука“ против Таравари, Фетаи и Сулејмани ѝ вртат грб на Алијанса за Албанците, ДУИ гледа сеир!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Скриен извор на чиста енергија би можел да ја напојува Земјата 170.000 години

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Линии со код, реки од крв

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Веќе видено: Македонија повторно велика, ко Александар!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Научив дека смолата може да ја исуши црешата ко вмро Македонија

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk