Српскиот претседател Александар Вучиќ дел од своето денешно обраќање до граѓаните го посвети на критики за весникот „Нова“, а сето тоа бидејќи погрешно го прочита насловот. Иако во насловот јасно стои дека станува збор за Милош Вучевиќ, актуелниот лидер на Српската напредна партија (СНС), шефот на државата сепак беше убеден дека во насловот се споменува тој.
„Ги замолувам граѓаните на Србија да го погледнат ова: „Броилата за струја ги чита фирма на соработник на Вучиќ“, прочита Вучиќ, мавтајќи со петочното издание на весникот „Нова“ во зградата на Претседателството.
Сепак, како што пишува Нова.рс, претседателот не забележал добро дека во насловот јасно пишува – „соработник на Вучевиќ“.
Како и во неколку претходни случаи кога мавташе со весникот Нова, Вучиќ и овојпат мораше да нагласи дека „не го чита весникот, туку му го носат“. И изгледа токму така, бидејќи тој дури неколку пати го читаше насловот и секој пат погрешно.
Вучиќ почна да се оградува од наводите во насловот, во кој никој не го ни спомнува. Тој истакна дека не го познава ниту човекот, ниту фирмата.
На крајот, српскиот претседател му се извини на човекот што „Нова“ го спомнува на насловната страница.
„Немам поим кој е тој човек и му се извинувам што зборувам за него на ваков начин. Сигурен сум дека работи согласно законот, му посакувам се најдобро и успех, не сакам да му ја уништам компанијата“, рече Вучиќ и додаде:
„Вака изгледа криминализацијата, персонализираната дехуманизација и се останато во Србија. Мува падна на мечка“.
„Падна претседателе, но не на Вас овој пат“, му порачаа од редакцијата на весникот.
Г. Т.