По речиси пет месеци судири и хаос, албанското собрание ќе се врати во нормала, откако претставници на мнозинството и опозицијата постигнаа начелен договор, известуваат албанските медиуми.
Според претставникот на ЕУ во Косово, истрагата за нападот во Бањска може да потрае со години, чекајќи Србија да го почне процесот на истрага, гонење и правда за сите вклучени во терористичкиот напад, пренесуваат косовските медиуми.
Ова дел од темите од денешниот редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот за денешното издание на АЛ-Прес.
АЛБАНИЈА
Албеу: Албанскиот парламент може да се врати во нормала, по речиси 5 месеци сцени со чад и судири
Во Албанија, двете најголеми парламентарни групи, социјалистичкото мнозинство и демократското, претставени од пратениците од опозицијата кои го поддржуваат поранешниот премиер Сали Бериша, постигнаа начелен договор, кој се очекува да стави крај на тензиите и долготрајниот ќорсокак во постапките на парламентот.
Формирањето на две собраниски истражни комисии, како и создавање на посебна собраниска структура за разгледување на предлог законите за кои се потребни три петтини гласови, се прашањата на кои ќе работат партиите да ги финализираат во следните 24 часа. Американската амбасада и Делегацијата на Европската унија во Тирана го поздравија „враќањето на нормалноста во парламентот“.
По речиси 5 месеци, во кои во собраниската расправа доминираа сцени со чад, врева и судири, најважната институција во државата може да се врати во нормала. На неформалната средба минатата недела меѓу шефовите на пратеничките групи вчера, следеше Конференција на лидери, која беше свикана со присуство на сите партии. На крајот сите изгледаа задоволни, пренесе Албеу.
Репортери: Специјалниот суд го одби барањето за укинување на мерката куќен притвор, за Бериша и Малтези
Специјалниот првостепен суд го одби барањето на поранешниот премиер Сали Бериша и неговиот зет Јамарбер Малтези за укинување на мерката за безбедност.
Решението да остане во домашен притвор донесе судијката Ирена Ѓока. Адвокатот Гец Ѓокутај во изјава за медиумите рече дека „мерката притвор е дадена без да се поставуваат прашања до обвинителите“, пренесе Репортери.
КОСОВО
Газета Експрес: Истрагата за нападот во Бањска може да трае со години, вели Шефот на канцеларијата на ЕУ во Косово
Шефот на Канцеларијата на Европската унија во Косово, Томаш Сунјог изјави дека истрагата за нападот на 24 септември во Бањска може да трае со години.
Тој вели дека сите чекаат Србија да ги истражи, гони и изведе пред лицето на правдата сите кои наводно учествувале во терористичкиот напад во кој загинаа косовски полицаец и тројца српски напаѓачи, пренесува Газета Експрес.
Визион Плус – „Балканот под ризик од конфликти“, американско разузнавање: Можно е да има меѓуетничко насилство во текот на 2024 година
Американското разузнавање го објави годишниот извештај за светските закани за безбедноста на САД.
Извештајот предупредува на зголемен ризик и понатамошна ескалација на насилството во Западен Балкан во текот на оваа година.
„Западен Балкан веројатно ќе се соочи со зголемен ризик од локализирано меѓуетничко насилство во текот на 2024 година. Националистичките лидери веројатно ќе ја влошат тензијата за своја политичка предност, а надворешните актери ќе ги засилат и искористат етничките разлики за да го зголемат или заштитат нивното регионално влијание или да ја попречат интеграцијата на Балканот во ЕУ или во евроатлантските институции“, велат од американската разузнавачка заедница.
Во извештајот се споменуваат судирите на северот на Косово, а се вели и дека лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, има за цел де факто отцепување на Република Српска, пренесува Визион Плус.
Клан Косова: Ескобар денеска во Косово на средба со Османи за српскиот динар
Пратеникот на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар денеска ќе започне со официјални посети на Косово.
Од 10:00 часот ќе биде примен од претседателката на Косово, Вјоса Османи, соопштуваат од нејзиниот кабинет, пренесува Клан Косова.
КОЛУМНА
Коха: Со роботи против имиграцијата
„Обично таквите партии се склони да бидат против, не е важно против што, туку да бидат против. Против властодршците, против медиумите, против постоечките политики, против странците.
Иако има разлики меѓу екстремно десничарските партии во зависност од тоа од која земја доаѓаат, бидејќи политичката култура е различна, тие партии имаат заеднички „проблем“ во кој имаат придобивки.
Тоа се странците, имигрантите. За радикалите, „имигрантите“ им ја земаат работата на староседелците, имаат социјална помош, имаат многу деца, доминираат со криминалот, доаѓаат од култури неспоиви со културата на земјите во кои доаѓаат и на тој начин ја загрозуваат благосостојбата, но и самото постоење на национален идентитет“, пишува авторот Аугустин Палокај во колумната „Со роботи против имиграцијата“, објавена во Коха.
Подготви: Д. Тахири / Цивил Медиа