Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Тајната на заминувањето ќе остане вечна. Манолиќ, прославениот полициски агент и важен човек во конституирањето на Хрватска, завчера во Загреб го прослави својот 104 роденден, а во тие денови Војвотката од Виндзор, принцезата Кејт Мидлтон објави дека боледува од рак. Како и нејзиниот свекор, Кралот Чарлс Трети. Во една московска концертна сала беа убиени 137 луѓе. А од московските ракети и бомби секој ден во Украина гинат стотици и илјадници луѓе.
Ние тука се надевавме дека Мирко Попов ќе се разбуди по тешкиот мозочен удар.
Арно ама, горниот рекол: толку беше.
Врз основа на што тој ги носи своите решенија?
Никогаш не сум имал верба во човеколикиот господ, кој, еве го, се спрема за воскресение, а уште помалку сум имал верба во неговата правда.
Мирко отиде кога можеше да исипе врз Македонија многу музика, забава, памет, паметни и убави, благородни и добронамерни текстови, љубов и разум.
Шарм и симпатија.
Мене ми стана симпатичен во првата средба на радиобрановите со еден стар хит за манекенките кој денешниве опстојателства ќе го прогласат за мизогин. Не мислам дека не беше така. Не го бранам. Експресијата на стихот за манекенките и кретенките беше диктирана од предизвикателството на ритамот и римата и има такви димензии кои наместо да го осудуваат, всушност го ослободуваат од одговорноста.
Се разбира дека денеска не би напишал нешто такво.
Беше добар фраер.
Штета што не го запознав порано.
Сигурно сме можеле да направиме многу добри работи. За себе и за заедницата.
Сочувство до семејството и до сите блиски на Мирко.
Нека почива во мир кога веќе животот го потроши во жесток и продуктивен немир.
Остави убаво наследство.
Адио Мирко.