Во првата недела од кампањата за претседателските избори може да се констатира дека во трка се два различни политички света. Од една страна оние кои се залагаат за продолжување на европскиот пат на земјата, а од друга тие кои освен желбата за власт не нудат никакво решение за државата и нејзиното Европско патување.
– Врвни реформи во нашата држава и врвен развој може да се постигне единствено влезот во ЕУ, која е гаранција за европски животен стандард. Јас ви ветувам дека заедно со мојот тим ќе работам ден и ноќ да ги исполнам ветувањата на мнозинството граѓани на Македонија, да живеат во европска Македонија, земја членка на ЕУ а не децата да им одат во туѓина за да живеат во туѓи држави, членки на ЕУ. Ден и ноќ за подобро образование, подобро здравство, подобро владеење на правото, за сузбивање на корупција, односно држава по европски стандарди како што ја сакаат и како што ја заслужуваат граѓаните – истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанскиот собир во Аеродром на кандидатот за претседател Стево Пендаровски.
Претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски вчера од скопската општина Аеродром порача дека членството во Европската унија е единствената алтернатива за напредок на државата.
– Кога бевме на прагот да продолжиме со тој процес и да го завршиме во рекорден рок, значи четири-четири ипол години преговори, во тој момент ни се испречија двајца противници – нашиот источен сосед кој водејќи се од 19-вековната анахрона, антимакедонска и антиевропска политика, не блокираше, меѓутоа имавме и противници внатре. Најголемата опозициска партија, од за мене непознати мотиви реши да го блокира нашиот европски пат. Не се согласија за најбаналната работа која можеше да се случи – покрај седум народи и делови од народи кои ги имаме во нашиот Устав, да додадеме уште шест други вклучувајќи ја и малата бугарска заедница. Сега благодарение на синергијата меѓу надворешните и внатрешните непријатели ние сме самоблокирани што значи изолација на долг рок доколку на 24 април не ја добиеме вашата поддршка за да продолжиме за час поскоро да бидеме полноправна членка на Унијата, рече Пендаровски.
Тие што тврдат дека ќе бидеме изолирани доколку дојдеме на власт, нека покажат кој ги поддржува на овие избори, рече вчера кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на митингот во Битола.
– Деновиве слушам дека ако сум станела јас претседателка, а господинот Мицкоски премиер, оваа држава ќе била изолирана. Интересен феномен! Еве јас ги прашувам, тие што тврдат дека сме изолирани, а дека тие се внатре во Европската Унија, кој нив ги поддржува на овие избори, истакна Силјановска Давкова.
Бујар Османи, кандидат на Европскиот фронт на отворањето на Штабот во Чаир изјави дека ова е битка меѓу визијата за соживот и интеграција претставена од најголемиот мултиетнички фронт во државата и визијата за изолација и омраза претставена од ВМРО ДПМНЕ.
– Црните националистички и шовинистички сили сакаат да ја преземат контролата над себе, а ако сте ги виделе нивните пароли велат „да си го вратиме достоинството“, бидејќи можеби нашето право да бидеме рамноправни го изгубило достоинството. Не сме допреле ничие достоинство. Го вративме нашето достоинство, го институционализиравме нашиот идентитет, го зедовме делот што ни припаѓа и никому не се одмаздивме, и нема да дозволиме никој да чепне до нашето достоинство и нашиот дел, рече Османи.
Дестан Јонузи