Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Пред 40 години во Скопје беше промовиран албумот на Момчило Бајага и неговите Инструктори под име „Позитивна географија“. Беше тоа време кога генерацијата на младите луѓе од тогашна Југославија преку својата музика, која не се движеше до границите на републиките, идните држави, туку обратно, се обидуваше да го спечи распадот на федерацијата. Јас барем така го чувствував тоа, може да се рече, музикално дружење, кое одеше контра „старците“ кои сееја националистички кавги по разни пленуми. Тие музички пораки може да се преведат и со зборовите: Не ни е грижа што овие говорат од разните говорници низ микрофоните на омразата, музичарите и нивната публика имаат свои вредности што ја даваат внатрешната кохезија на таа (сега некогашна) држава.
Деновиве Бајага се сеќава, слушнав на некој ТВ медиум, дека на промоцијата на албумот во Скопје, град избран за генерално деби на албумот, некоја девојка го прашала кога ќе има „негативна географија“ а тој одговорил дека засега нема напишано ниту една таква песна.
Во овие актуелни времиња, по толку изминати децении мораме да заклучиме дека оние што беа до пленумските говорници сепак беа посилни. (Како приврзаник на првородениот рок, оној што предизвика револуција на сите полиња, јас не ја сакав таа музика од 80-тите, ја гледав со скепса, а веќе бев и новинар, па не можев да си дозволам таков идеализам).
Вулин и Дачиќ против културата на сеќавањето
Проблемот со некои од оние политичари кои ја победија оската генерациски содржана во српско-хрватската радио емисија „Зелен мегахерц“ не е само во тоа што нивното сеење на омразата даде плод и одзеде повеќе стоици илјади животи, направи преселби на милиони луѓе од своите огништа, туку во тоа што протагонистите на тие крвави години покажуваат дека се борци против културата на сеќавањето. Практично се против резултатите на помирувањето што настана со силен меѓународен притисок, а што се ревидира како недвосмислен обид да се вратат во времето на пресните гробови на Балканот.
Пресвртот што во геополитичките води го прават и деновиве, барем во еден параден манир, српските политичари Вулин и Дачиќ, заедно со Додик од Бања Лука, оди и против сето она што постѓинѓичевата Србија во првата деценија од овој век го направи во обидот да се устрои со светското јавно мислење во однос на војните во времето на Милошевиќ.
Сè до 2010 година, кога самиот српски Парламент усвои Резолуција за Сребреница, со убедливо мнозинство, па се чинеше дека, иако задоцнето, нашиот сосед ќе успее да го фати европскиот воз навреме.
Се сеќаваме како тогашниот претседател Тадиќ, потсмешливо велеше дека, иако (во 2005 година) бевме првенци во евроинтеграциите на Западен Балкан, само ќе и им го гледаме грбот во тој процес на Србите. Што се случува денес? Па Србија просто е закочена на таа пруга за Брисел, стои на шините среде некои предели на кои не се гледа следната станица. И тоа со години. Ова се должи само на еден фактор – што иако не гласаше за споменатата Резолуција, Српската напредна партија, тогаш основана, не гласаше ниту против, ама сепак се наметна како ревизор на историјата.
Во таа атмосфера на враќање на минатото, посебно диригирани од хорот со двајца солисти како Вулин и Дачиќ доаѓа и навредувањето на Македонија, навистина не само кон неа, туку сега и кон Грција, „стариот сојузник“ на Белград. Потоа, има жестоки напади и кон традиционалната „боксерска вреќа“ – Црна Гора, а за муслиманите во БиХ и да не говориме.
Обиди за бришење на снимките со двата подигнати прсти
Дали Милорад Додик е истиот човек кој го осуди геноцидот во Сребреница во 2007 година? Дали Дачиќ ги брише старите снимки од усвојувањето на Резолуцијата за Сребреница од 2010 година, кога неговата партија била предводник на тезата дека убиствата во овој град од страна на кохортите на командантот Младиќ е геноцид? Ова јасно е врзано сега за подигнувањето на прашањето на носење на Резолуција во ОН со што денот на маскарот во Сребреница станува ден кога секоја година на 11 јуни ќе се оддава почит на жртвите од тој ден. Што според Дачиќ, но и оние малкумина над него и многумина политичари под него, во хиерархијата на моќта, мора да се одбегне.
Или кога од споменатите се кажува дека никој на Балканот не смее да дозволува влез на Косово во Советот на Европа, го прави тоа во обид за амнезија на јавното мислење дека тоа е обврска на што Србија го зела на себе со Охридскиот договор: дека нема да спречува прием на Косово во меѓународни институции! Па дури и покрај тоа што во 2013 година токму Дачиќ како премиер потпиша многу сличен договор со Приштина во Брисел?! Сè се сведува на она – ние ќе потпишуваме што мораме, ама вие ќе го правите она што ние ќе ви дозволиме!
Изјавите на највисоките претставници на власта во Белград дека приоритет за Србија е да се бори на два фронта, се најдобриот начин да се оттргне вниманието од внатрешните проблеми, изјави директорот на Центарот за регионализам, Александар Попов за независната ТВ мрежа Н1. „Изгледа дека се заборава дека оваа група (на власт) е одговорна за многу работи што сега треба да ги ‘лижеме’“, смета тој.
Попов потсети дека во Декларацијата за Сребреница, која беше усвоена во српскиот парламент во 2010 година, „на акробатски начин“ беше кажано дека имало геноцид. „Веќе имаме Резолуција усвоена од локалниот парламент. Додик го осуди геноцидот во Сребреница уште во 2007 година. Дали тоа е истиот човек?“ – се прашува Попов. (снимка од тој негов говор може да се види во епизодата од шоуто на „24 минути“ на Кесиќ, објавена на 9 април.
„Наместо да се фокусираат на РС … сега го распаруваат ракавот на џемперот а не мислат дека можат да останат и без џемпер!“ – вели споменатиот Попов.
Теза за српскиот свет, за тоа дека распадот на Југославија не е завршен, тоа се рефрени од 80-ти и 90-ти кои доведоа еднаш до крвава војна. „Нема да не нарекувате геноцидни и јас секогаш ќе одговарам на тие обвинувања“, рече Додик на прес-конференцијата, како што објави српската Н1. Тој додаде дека Србите не можат да живеат заедно со оние кои ги нарекуваат геноцидни луѓе.
И одново, дали е можно да се фрла чадна бомба на нешто што веќе не е само комплетно документирано во светот во врска со Сребреница, туку и прифатено од легитимни српски институции?
Што се случи на критичната седница на српското собрание во 2010 година?
Затоа накусо да се потсетиме се случило на 30 март 2010 година.
Декларацијата, предложена од владејачката коалиција предводена од Демократската партија на српскиот претседател Борис Тадиќ, била усвоена со 127 гласови ЗА и 21 глас ПРОТИВ по неколкучасовна жестока дискусија.
Декларацијата се однесува на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, со која е утврдено дека во Сребреница е извршен геноцид во јули 1995 година, а текстот го осудува злосторството на начин утврден со пресудата на споменатиот суд, без да се спомене терминот геноцид.
Пратениците на Српската радикална партија и другите опозициски партии, кои за време на дискусијата негирале дека во Сребреница имало злосторство и ги обвиниле поддржувачите на Декларацијата за предавство на Србија и српскиот народ, пред гласањето ја напуштиле собраниската сала. Неколку часа пред тоа, „срам“ било најчестиот збор што го користеле предлагачите и противниците на Декларацијата за осуда на злосторствата во Сребреница во парламентот. Повеќето спорови биле околу тоа дали резолуцијата треба да го осуди геноцидот или криминалот и дали е неопходно извинување до семејствата на жртвите.
„Со осуда на злосторството врз Бошњаците во Сребреница, оддавање почит на невините жртви и сочувство со нивните семејства, ние го отстрануваме од идните генерации товарот што ни го оставија поединци“ – рекла тогаш Нада Колунџија.
Говорникот на тогаш опозициската Либерално-демократска партија на Чедомир Јовановиќ, инсистирал да се внесе во документот дека со пресудата е утврден геноцид на територијата на Сребреница:
„Денес, кога гледаме како децата викаат ’Нож, жица, Сребреница’, треба да разбереме дека тие се производ на нашата неспособност, немоќ, немање храброст. Нема да стигнеме никаде ако ние како парламент покажеме желба за секое око да најдеме нечие друго“.
Ех, кога ќе се сетиме каде е денес тогашниот Јовановиќ!
Соња Бисерко: Резолуцијата е недоволно убедлива без апсењето на Младиќ
Жестокоста на дискусијата не ја намали ниту тоа што во меѓувреме претседателката на српскиот парламент Славица Ѓукиќ-Дејановиќ изјави дека постои „првична верзија“ на декларацијата со која ќе се осудат сите злосторства врз Србите на територијата на поранешната Југославија.
Шефицата на пратеничката група Г17 плус, Сузана Грубјешиќ вели:
„Нема консензус, но не треба да има со оние кои секој 12 март го ’разубавуваат’ булеварот Зоран Ѓинѓиќ со постери на џелатот од Сребреница.“
Со некои партии, сепак, беше можен консензус. Својот глас за декларацијата го дадоа и поранешните социјалисти на Милошевиќ.
Бранко Ружиќ од оваа партија рекол:
„Верувам дека грешат оние кои се обидуваат да ја претстават оваа Декларација како нихилистичка, дека Србија не се променила. Србија се промени на многу начини поради подигнувањето на нивото на свеста за тоа што се случуваше на просторите на поранешна СФРЈ“.
Ова е, нели, човек од партијата на Дачиќ.
Она што следеше во српското Собрание ја покажува длабочината на фрустрацијата на српското општество, оценува Соња Бисерко од Хелсиншкиот комитет за човекови права, а одговорноста ја гледа во владејачките партии:
„Според мое длабоко убедување, ниту оваа резолуција, каква што е, не е доволно убедлива без апсењето на Ратко Младиќ, кој е најодговорниот кога е во прашање самата Сребреница. За жал, целиот овој состав на парламентот покажува дека нашата елита сè уште ја третира оваа тема комерцијално, би рекол, само затоа што тоа се очекува од нас“.
Да споменеме – Младиќ е уапсен во пролетта следната година (2011).
Тадиќ на ова додаде дека го иницирал усвојувањето на резолуцијата за Сребреница, бидејќи смета дека прашањето не е ниту партиско ниту политичко, туку „вредносно и морално“.
„Oваа резолуција ја отстранува анатемата од нашиот народ, го штити нашиот национален интерес и ќе биде потврда дека нема колективна вина и дека секој криминалец има свое име и презиме“ – рекол тој.
Тадиќ за весникот Политика додал и дека криминалците мора да бидат казнети. за доброто на жртвите и нивните семејства, но и за помирување на народите на Балканот.
Тадиќ оцени дека само со таква политика Србија може да го брани правото да се сеќава на своите жртви и да стекне кредибилитет на меѓународно ниво за водење национална политика.
Постои колективна амнезија, а нема лек!
Ова долго опишување на седницата на која пред 14 години е донесена оваа резолуција е наменета само за оние кои секако покажуваат симптоми на амнезија за тој настан, а кои биле активни учесници во прифаќање на нешто што денес се оценува како „анатема“, како осуда со која „српскиот народ не може да живее“.
А всушност – живее подолго време.
Згора, низ таа ментална блокада се бара основа да се напаѓаат соседите затоа што во овие моменти се подготвени да гласаат за сличнa Резолуција во Обединетите нации (треба да се донесе првите денови на мај) или да се прими Косово во Советот на Европа (некаде во истиот период).
Просто со форсирање на играчите кои јавно се врзуваат за прокремљовската политика на Балканот, Белград успеа да доживее вистински дебакл на својата надворешна политика. За тоа сведочат секако и многу белградски медиуми и видни интелектуалци.
Српската власт сака да го компензира својот неуспех – со навреди
Сето тоа српската власт се обидува да го компензира со навреди кон сите свои соседи (неофицијално изземена е само Романија!). Но тоа се прави внимателно, не кон сите соседи во исто време, за да не се оцрта картата на нивната негативна географија, туку, поединечно, како некаков замислен Цезар да го набеди својот Брут за таткоубиство, како дел од една – да ја наречеме така – пиемонтска позиција во однос на целата некогашна Југославија, која не смее да трпи критики или замерки.
Најпрво на удар се најде Грција односно политичарката Дора Бакојани, која стои зад предлогот за прием на Косово во Советот на Европа. Како што рече министерот Дачиќ, таа не е „било кој, туку сестра на премиерот Мицотакис“, па ова со гласањето во Советот на Европа му дојде како династички став од грчката политика кон својот стар воен сојузник.
Не изостана ни клучниот чинител на српската политика, внатрешна и надворешна.
„Ќе внимаваме каде во иднина ќе одиме на гости“ – рече Вучиќ, а веројатно од тоа би требало да биде најболно за Атина која секако во српските туристи гледа големо парче од колачот на туристичките приходи (каде ќе ги носи познатиот Палма од Јагодина сега своите „заслужни граѓани“ на платен одмор, кога Паралија отпаѓа?).
Тој долго се воздржуваше од споменувањето на Македонија сè до пред некој ден, кога спомена дека „многу сме им помогнале, а тие тоа го забораваат“, како што пренесе скопска „Република“.
Српските политичари забораваат колкава помош добиле од македонска страна
Само да споменеме дека не би требало да земаат меморил за да се сетат дека кога беа толку пати во светска економска блокада, имаа премин само низ Македонија и дека тоа ја спаси нивната економија (нека се сетат на некоја друга земја). Такви примери има и отповеќе, ама ние не сакаме да споменуваме, бидејќи, бевме прекршувачи на меѓународните прописи.
Но, не е проблемот во некаков баланс, бидејќи, како што се вели она што некому си му го дал не го споменувај, инаку како да не си му го дал!
Клучот е во прифатените обврски
Клучот на оваа ситуација со обвинувањето е во фактот дека не можеме да одиме против она што и самите, нели, веќе го прифатиле. И не само што бевме домаќини на преговорите во Охрид, каде што обврската за непречен прием на Косово во меѓународните институции беше јасно кажана токму од самиот Вучиќ.
Но навредите секако доаѓаат од протагонистите на бродоломот на српската политика како што е Александар Вулин, поранешниот шеф на безбедносната агенција БИА и поранешен министер за одбрана и лидерот на Движењето на социјалистите кој, според објавата на Цивил, изјавил:
„Северномакедонците знаат дека нивниот глас не значи ништо, дури ни кога станува збор за нивното име или јазик, а уште помалку за Србите, па затоа можеле барем да се воздржат, доколку не можат да ја поддржат Србија“.
Оној кој е виновен за вооружениот упад во Бањска, близу Митровица во Косово, кога го подигна светското јавно мислење против својата земја (и тоа во доба кога Курти, косовскиот премиер беше на најниската точка на доверба кај неговите сојузници), а ги натера западните моќници на енергични осуди и барање за казнување на тој потег од српскиот политички врв, најде да дели лекции и да дава политички оценки наоколу. И тоа откако беше сменет од функцијата и мораше да бара еден вид на политички азил во Бања Лука! Не по прв пат.
И министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ влезе во списокот на оние што ќе излеат злоба за нашата поддршка на веројатното носење на Декларација за Сребреница во ОН и приемот на Косово во Советот на Европа.
Најпрво јавно запраша како е можно во земјава и премиерот и министерот за надворешни работи да е Албанец, а потоа го праша Османи дали би гласал за Резолуција со која на предлог на неговата земја би се означила Хрватска да биде прогласена за геноцидна (мислеше веројатно на Јасеновац), како што пренесе МКД.мк.
Како што забележува мониторингот на ЦИВИЛ, дел од нашите медиуми со задоволство ги пренесоа навредите на Вулин кон Македонците и Македонија, додека пак изјавата на Дачиќ, се обидоа да ја спинуваат дека е упатена кон Бујар Османи од ДУИ, а не кон шефот на македонската дипломатија.
„Вообичаено е за голем број македонските медиуми целосно некритички да пренесуваат сè што ќе кажат српските политичари, па нека е тоа насочено и против фактите и против нашата земја“, констатира ЦИВИЛ.
Има шанси Бајага да дојде наскоро во Скопје. Ќе добие ли од тоа поттик – позитивната географија?
Преземено: Цивил Медиа