На полноќ започнува предизборниот молк поради одлуката за прегласување за парламентарните избори во повеќе избирачки места во петтата и шестата ИЕ. На 22 мај ќе се прегласува во седум избирачки места откако Управниот суд ги одби жалбите на Демократската унија за интеграција и Европскиот фронт.
Коалиционите партии се пожалија на можноста за повторување на процесот, а одлуката на ДИК ја нарекоа сценарио за да се оштетат ДУИ и Европскиот фронт, одземајќи најмалку еден до двајца пратеници.
Сите членови на ДИК, освен потпретседателката Дитмире Шеху (Предлог на ДУИ), која не учествуваше на седницата, гласаа за повторување на гласањето во општина Желино – Тетово. Станува збор за шестата ИЕ, каде Европскиот фронт освои девет пратеници, додека коалицијата ВЛЕН седум.
Прегласувањето ризикува да се земе пратеник од Европскиот фронт и тој да оди во коалицијата ВЛЕН, со оглед на влијанието што го имаат лидерите на оваа коалиција, поточно во селото Ларце – родното место на лидерот на Движењето БЕСА – Билал Касами, каде беше потврдено прегласувањето. Помалку од двесте гласови ќе одредат дали ДУИ и нејзината коалиција ќе го загубат или го задржат деветтиот пратенички мандат.
Прегласување ќе има и во шест други гласачки места во Крушево, Долнени, Струга и Охрид, како дел од петтата ИЕ. И овде коалицијата „Европски фронт“ ризикува да загуби пратеник – и да оди кај СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ.
Како беа резултатите на 8 мај во овие избирачки места?
На 8 мај, за парламентарните избори од запишаните гласачи во спорните седум избирачки места, својот глас го дале 2584 гласачи.
Во петката за ВМРО-ДПМНЕ гласале вкупно 800 луѓе, а за коалицијата предводена од СДСМ вкупно 365. Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ освоила 367 гласа, наспроти 315 гласа освоени од коалицијата Влен.
Во Желино кое е дел од шестата изборна единица, каде што се запишани 992 избирачи, на изборите на 8 мај гласале 479 луѓе. Најмногу гласови од нив „легнале“ на сметка на коалицијата Влен, вкупно 332, додека коалицијата предводена од ДУИ освоила 134 гласа, а СДСМ само 4. Во Желино се бара прегласување затоа што 110 гласачи не гласале со проверка на отпечаток од прст во фингер принт уредот, туку само со проверка на матичниот број и скенирање на личната карта.
Петта ИЕ – минус еден пратеник за Европскиот фронт, плус еден за СДСМ или ВМРО ДПМНЕ.
Од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО -ДПМНЕ се надеваат на зголемување на нивните 58 пратенички мандати за плус два на сметка на ДУИ која освои 19 мандати. Тие во петта изборна единица очекуваат еден пратеник плус на нивна сметка.
Тоа би значело дека наместо сега веќе избраниот кандидат за пратеник на ДУИ Исмаил Јахоски, татко на сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, во собраниското столче ќе може да седне Лазе Јаќимоски кој беше единаесетти на кандидатската листа. Во 5-ката од оваа коалиција засега е сигурно дека во Собрание ќе влезат првите десет кандидати за пратеници. За да го добијат и Јаќимоски во Собрание ќе им биде потребна победа од најмалку 150 гласа разлика.
Шанса за пратеник плус во оваа изборна единица смета дека има и коалицијата предводена од СДСМ, на сметка на Јахоски. Тие се надеваат дека со изборна победа ќе може во новиот парламентарен состав да влезе пратеникот од ЛДП Боби Мојсовски, кој зад себе има еден пратенички мандат. Според нивните пресметки, на прегласувањето ќе им биде потребни околу 200 гласа повеќе од освоените на 8 мај.
Во оваа ИЕ на изборите на 8 мај до последните моменти жестока се водеше битката меѓу СДСМ и ДУИ за тоа кој ќе го добие четвртиот пратенички мандат.
Кој добива од прегласувањето?
Најголеми добитници од прегласувањето во среда може да се СДСМ и коалицијата ВЛЕН. Доколку ВЛЕН добие мандат од Европскиот фронт во шестата ИЕ, тогаш Фронтот ќе загуби еден пратеник и од 19 наспроти 13 во однос на ВЛЕН станува 18:14. Додека ако според проекциите Европскиот фронт загуби и еден пратеник во петтата ИЕ, без разлика дали кај коалицијата на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, бројот на пратеници на Фронтот паѓа од 18 на 17, а Коалицијата предводена од СДСМ ќе стане втора партија во државата не само по бројот на гласови на национално ниво, туку и по бројот на пратеници.
Доколку го добие четвртиот мандат во петтата ИЕ, бројот на пратеници на оваа партија се зголемува на 19, додека ако Коалицијата на ВМРО ДПМНЕ го добие овој мандат, тогаш бројот на пратеници на оваа коалиција во следниот пратенички мандат ќе биде 59.
Што добива СДСМ ако стане втора партија во државата и по број на пратеници?
Најголемата опозициска партија во земјава со број на пратеници има голем број клучни функции во државата.
Позицијата на претседател на Државната изборна комисија и двајцата членови. Државниот обвинител се избира по предлог на првата опозициска сила, поточно СДСМ. Со клучните собраниски комисии раководи исто така првата опозициска партија. Директорот на МРТВ се избира на предлог на СДСМ. Клучни позиции во Агенцијата за електронски комуникации, Регулаторната агенција за енергетика, Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги и многу други регулаторни тела и агенции.
ДУИ се „жалат“!
ДУИ и нејзините партнери оценуваат дека сите партии се здружиле да ја оштетат бидејќи на парламентарните избори на 8 мај втората партија во земјава излезе со 19 пратеници, додека СДСМ има еден помалку, а коалицијата Влен има 13 од вкупниот број, 120 избрани парламентарци.
Претседателот на ДУИ Али Ахмети по средбата во саботата со лидерите на коалицијата Европски фронт изјави дека тие се победници на изборите на 8 мај, но дека договорите се прават на штета на Албанците, со цел да се загрозат меѓуетничките односи.
– Ревитализацијата има опасна заднина, но нема да се дозволи да се спроведе стратегијата за поттикнување тензии, рече Ахмети.
Во меѓувреме, коалицијата Влен, во која членуваат Движењето Беса, Демократско движење, Алтернатива и Алијансата за Албанците крилото на Арбен Таравари, ја обвинуваат ДУИ за манипулации на парламентарните избори одржано на 8 мај, за купување гласови и притисоци и закани кон гласачите.
Според првичните изборни резултати, ВМРО-ДПМНЕ освои 58 пратенички места, ДУИ доби 19, додека СДСМ има 18. Од коалицијата Влен во собранискиот состав влегуваат со 13, а партиите Левица и ЗНАМ со по 6 пратеници.
Дестан Јонузи