Пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Кога читам разни дефиниции за граѓанските слободи или слободата како универзален поим ми се неметнува заклучокот дека сѐ сe сведува на слободата на изборот. Да имаме право сами да избереме што е тоа што за нас како граѓани е најдобро. Дефиниција како дефиниција, таа само го заокружува поимот а не ја објаснува содржината. Нема избор ако нема што да избираш и нема вистински избор ако не се избира меѓу квалитет туку понудата e – земи или остави. Но тоа е логичка еквилибристика а политичката понуда има некоја своја логика која често граѓаните ги става во состојба кога само принудно „избираат“. Како и да е, со последиците мора да се носат граѓаните без разлика колку учествувале во политичкиот процес на избирање на преставници во највисоките државни органи.
Да видиме што може да нѐ очекува на политички и еконoмски план?
Поради прилично комплицираниот политички систем изгледа на повидок се познати сцени со блокирање или не прифаќање на работата на Собранието. Не е фер кон граѓаните што досега не е објавена содржината на мајскиот договор од 2008 г. Сега дознаваме дека и во неговото составување биле вклучени и нашите надворешни пријатели и олеснувачи. Формулацијата таму е: Влада ќе составуваат партијата (коалицијата) од најбројната заедница која има најголем број на пратеници и партијата (коалицијата) од помалубројните заедници која освоила најголем број пратеници во Собранието. Ова е различно од она што досега го толкуваваме како договор за формирање на Влада – победник со победник. Колку ова сознание ќе имало влијание врз изборниот резултат не знам, ама сега може да донесе низа на разни толкувања кои дополнително ќе ја држат политичката состојба напната. Посебно ќе биде непринципиелно објаснувањето за одлуките во 2016 г. Најавите за потребата од двојно мнозинство (Бадинтер) ќе се толкува различно и веројатно ќе бидеме сведоци на мачни разјаснувања. Но тоа е една од последиците од целиот изборен процес каде не се бираа средства за добивање гласови.
Како тоа ќе се одрази на економски план?
И овде нужните реформски закони ќе зависат од математиките во Собранието и широките или тесни толкувања на двојното гласање. За реформи се потребни закони што се носат со двотретинско мнозинство и Бадинтеровото мнозинство.
Неколку обврски секако остануваат. Пензионерите не ги интересира од кои извори ќе се најдат средства за покачување на пензиите за 5 000 денари. Како технички сето ќе се изведе и кој орган, по која постапка тоа ќе го напраправи тоа ама ич нема да ги интересира. Просветарите секако очекуваат исполнување на нивните барања за поголеми плати. Во здравството проблеми колку сакаш а сите горе доле се врзани со потребата од пари. Судството со доверба од статистичка грешка исто има барања поврзани со буџтот. Редицата е долга и нека му е со среќа на идниот министер за финансии. Вистинското прашање е – од каде ќе се најдат средства?
А вистинскиот одговор е во можноста реалната економија да го зголеми растот да произведе и продаде повеќе и подобри производи и да ги плати даноците за да има за буџетските корисници. Ништо паметно нема во оваа моја констатација а таа ја знае секој добар домаќин без разлика на кој етнос или идеологија ѝ припаѓа.
Досегашната статистика вели дека со раст од 2 или 3 % тешко или невозможно е да ги сервисираме потребите на државата како организам и на граѓаните како носители на нејзиниот суверенитет.
Како новата Влада ќе овозможи раст поглем од 5 % на годишно ниво? Таа мисија за тековнава година е неизводлива. И да се направи ребаланс (а ќе мора) тоа е само пренесување на износ од една на друга ставка. Ако во зададените рамки се направат некои приоритети тогаш е можно закрпување на дупките од каде најмногу истекува и ништо повеќе.
За следната година да биде надежна очекуваме мерки кои стручната јавност сериозно ќе ги коментира и ќе предлага решенија. Ако се остане на тврдоглава партиска логика дека од позиција на власт се донесуваат одлуки без поширока консултација, повторно ќе биде како нови чорапи во стари чевли. Комоцијата на разгазени чевли ќе остане ама нивната употребна вредност нема да трае долго.
Не е некоја мудрост да се констатира дека главните прашања се: од каде ќе се најдат свежи средства потребни за економијата и буџетските обврски?
Да се зголеми даночната основа. Тоа значи поголем број на даночни обврзници да ги зголемат средствата во буџтот. Ова ќе бара законски измени и сериозни реформи. Ако се заглави работата на Собранието рокот за почеток на реформите ќе биде растегнат. Но бидејќи идната власт има скоро референдумска поддршка тешко дека граѓаните ќе прифатат такви објаснувања поврзани со процедури. Борбата со сивата економија е еден од начините да се стават во систем нови средства. Но за тоа е потребна суштинска реформа во државниот апарат. Таква работа до сега не сме виделе и според природата на политичките договарања и тој процес нема да оди лесно. Борбата против криминалот е другата страна на медалјата за сивата економија. Можеби не е квалификувано тоа дело во КЗ како најголема општествена опасност но таа секако е резултатот од поведенијата на криминалците. Како нѐ крадат е само техничко прашање – последиците се исти. Земаш нелегално средства за да не платиш данок за нив. И дејството и последиците се загрозување на општите интереси. Овде ендемската недоверба во институциите на државата на крај цехот им го испорачува на лојалните граѓани. Тоа е цена за нивниот политички избор или недостатокот од граѓанска храброст за борба против корупцијата или криминалот. Како вечната борба на посебното и општото. Нема бесплатен ручек – велат Кензијанците, а и да не го напишале тие ние тоа добро го знаеме ама ни е страв да го кажеме.
На крај мои почитувани сограѓани ем избирачи. Останува последниот одговор прашањето кое по трет пат го поставувам – од каде ќе се најдат пари за потребите? Како ќе живееме кога не печалиме колку што е потребно за просечно функционирање на државата и општесвото? Врти-сукај пак ќе се бараат пари на заем. Нешто, помалку, од домашните заемодавачи што нив ги прави сопственици на економските движења, а бога ми и на политичките процеси. Тоа е константна состојба како вистинска рожба на транзицијата. И ниту врти ниту сучи, на крај барај пари од светските и регионалните заемодавачи. По која еконономска или политичка цена ќе ни го дадат заемот е вистинското прашање до новата влада. Одговорот го заслужуваме кога веќе им дадовме толкава доверба. И на крај да се вратам на насловот. Ние вака избравме и нашиот избор не е само слобода на изборот туку и обврска за извршениот избор. Обврска како постојано барање за реализација на ветеното и постојана критика на состојбите. НЕ КАКО КРИТИЗЕРСТВО туку како изнаоѓање на решенија за подобри состојби. Демократијата во суштина е постојана критика на состојбите и решенијата на преставниците на граѓаните. Европскиот развој секогаш бил реузлтат на конструктивна критика. Без неа секогаш запаѓал во автократија и во внатрешни судири.
Ние почитувани сограѓани избравме што избравме, сега имаме нов избор. Или ќе бидеме граѓани или поданици.