Пишува: ДРАГАН МИШЕВ
Откако новата претседателка на Република Северна Македонија предложена од ВМРО – ДПМНЕ, уште не седната на претседателската фотелја, со првите реченици при давањето на претседателската заклетва и избегнувањето да го изговори целосно уставното име, туку државата со која ќе претседателствува во наредните 5 години, наместо тоа, ја нарече само Македонија, веќе предизвика дипломатски и меѓународен скандал, кој секако ќе има далекусежни последици по евроинтеграциите на земјава.
Постапката предизвика остри реакции во Грција, а европските партнери изразија голема загриженост, но затоа работата на новата претседаелка наиде на пофалби од лидерот на Српската радикална странка, кому му се судеше во Хаг за воени злосторства, Војислав Шешељ, кој не така одамна изјави дека Македонија не е целосно независна и суверена држава во вистинска смисла бидејќи е под принудна управа на Америка и западните сили.
Очекувано, ваквиот потег на новата претседателка наиде на воодушевување кај гласачкото тело кое ја доведе на власт Силјановска – Давкова и партијата која ја предложи, но, набрзо следеше студен туш.
Од кабинетот на претседателката, во обид да ја смират топката излегоа со соопштение дека во иднина претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, а , свечената заклетва, согласно Уставот, била потпишана со користење на уставното име, како што ја подготвиле од службите на Собранието.
И би како што соопштија, на големо разочарување на предвремено израдуваните поддржувачи и гласачи. Во наредните средби, претседателката Силјановска – Давкова, држашата со која претседателствува, со уставно име Република Северна Македоија,ја нарекува „нашата земја“ и „нашата држава“.
На средбата со еврокомесарот Дејвид Гир , таа ќе истакне:
– подготвеност за целосна соработка со делегацијата на Европската Унија во Скопје во однос на пристапниот процес на државата, истакнувајќи ја значајноста на делегацијата како своевиден координатор на активностите на ЕУ во земјава.
– нашата иднина несомнено е во Европската Унија, а местото на нашата држава е на иста маса со европските земји со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности.
Во рамки на посетата на Светиот Престол по повод манифестацијата која со години наназад го носи името„Македонија во чест на Свети Кирил“, при аудиенцијата кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск, како што соопшти Кабинетот на претседателката Силјановска – Давкова, таа повторно нема да го спомне името на државата, истакнувајќи дека:
– ѝ претставува особена чест во годината кога се одбележува 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете држави,
– дека посетата на Папата на нашата земја остави силна трага,
– изрази уверување дека за време на нејзиниот мандат нашата држава,
– разменија мислење за тековните предизвици со кои се соочува католичката заедница во нашата држава…
И како капак на се, Претседателката Сиљановска – Давкова на своето прво меѓународно учество на одбележувањето на ликот и делото на словенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, постави венец на кој го нема името на држава со уставно име Северна Македонија, чиј претседател е, туку само пишува „Претседател Гордана Сиљановска – Давкова“, небаре отишла на приватна забава на сопствен трошок, а не на платено патување со парите на даночните обврзници токму на таа Северна Македонија
Колку ли гордо сега се почувствуваа они кои ја гласаа?
Но, сега се поставува прашањето дали гласачите на ВМРО – ДПМНЕ треба да се чувствуваат изневерени и излажани, или само не го сфатиле изборниот слоган до крај? И дали ќе има потреба ВМРО – ДПМНЕ повторно да им се извинува на избирачите за понудената кандидатка, како во случајот со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска?
И со предизборните најави за укинување на „Преспанскиот договор“ кога по промената на уставното име, целиот свет кон нас почна да се обраќа со името Македонија( со придавката Северна), се наговестуваше враќање кон некои дамнешни времиња од периодот на кратенката „ФИРОМ“ или „ПЈРМ“, па странскиот фактор кон нас се обраќаше исклучив со „вашата земја“, „ вашиот јазик“.
А во вториот дел од слоганот „Македонија повторно твоја“, кој најверојатно поради недостаток на простор на билбордите е изоставен, и истовремено, креаторите на истиот сметале дека се подразбира гласачите на кои се обраќаат да сфатат дека со тоа што ни го нудат, со зборот твоја, всушност тие ни овозможуваат Македонија повторно да биде наша… наша земја, наша држава.
Токму како што сега и ја нарекува новата претседателка. Граматички и математички прецизно.
Преземено: Цивил Медиа