Со доаѓањето на власт, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, не само што формираат нова, во смисла на смена на миниситири и дурги кадри, туку и ја реформира досегашната структура на Владата како институција. Бројот на министерства се зголемува од 16 на 20 со воведување нови: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини; Министерство за спорт; Министерство за дигитална трансформација и Министерство за европски прашања.
Со досегашниот вицепремиер за евроспки прашања, сегашен пратеник од редовите на СДСМ во Собранието, Фатмир Битиќи, побаравме одговор за можните причини зошто се одвјува енергетиката рударство и минерални суровини од економијата.
„Одвојувањето на економијата и енергетиката во две одделни министерства не е политички потег за зголемување на ефикасноста на системот. За време на изборите, ВМРО-ДПМНЕ ветуваше намалување на бројот на институции, но сега го прават спротивното, изневерувајќи ги очекувањата на граѓаните. Кога станува збор за економијата, дополнително се зголемуваат ризиците за загрозување на ефикасноста и ефективноста на овој дел од системот, ако се земе во предвид дека туризмот, кој во суштина е водење на бизнис, се припои на култура, а меѓународната трговија, што е исто така бизнис, се припои кон министерството за надворешни работи. Во овие институционални акробации тешко може да се артикулира некоја системска логика“, вели Битиќи за ЦИВИЛ Медиа.
Битиќи додава дека се работи за партиски калкулации и интереси, а не за јавен интерес.
„Причините не можат да се најдат низ перспектива на јавниот интерес, туку се поврзани со партиски калкулации за задоволување на лични амбиции и коалициски пазари, односно обезбедување на дополнителен корпус од јавни функции кои потоа ќе се прераспределуваат“, додава тој.
Какви реперкусии понатаму може да има во однос на функционалноста и врз буџетот на државата, па и енергетската транзиција, Битиќи вели дека последиците може да бидат сериозни, негативни и со додатни компликации.
„Раздвојувањето на економијата и енергетиката може да има сериозни негативни последици врз функционалноста на државните институции и буџетот. Овој потег ќе доведе до зголемување на бирократијата, што значи поголеми административни трошоци и потреба за дополнителни работни места и раководни позиции. Ова значи, дека повеќе јавни пари ќе се трошат за неефикасни институционални поставености.
На економски план, раздвојувањето ќе создаде непотребни компликации во координацијата меѓу различните институции. Наместо да се подобри ефикасноста, ќе се создадат нови слоеви на администрација кои ќе го забават процесот на донесување одлуки и спроведување на политики. Во време кога државата треба да се фокусира на рационализација и оптимизација на ресурсите, ваквиот чекор е контрапродуктивен.
Од буџетски аспект, дополнителните институции ќе значат и зголемени трошоци за плати, инфраструктура и оперативни трошоци. Ова ќе го оптовари буџетот и ќе ја намали можноста за инвестирање во други критични сектори на државата, на пример како што е здравство или образование. Наместо да се користат ресурсите за инвестиции во овие области, пари ќе се трошат за поддршка на новите институционални структури“, изјави Битиќи.
Што се однесува до енергетската транзиција, Битиќи смета дека како држава повеќе ќе се занимаваме со администрација политчки игри, отколку да долгорочно ги решаваме проблемите.
„Во контекст на енергетската транзиција, раздвојувањето на министерствата дополнително ќе го комплицира управувањето со енергетските проекти. Северна Македонија веќе се соочува со значителни предизвици во модернизацијата на енергетскиот сектор, а ваквите промени ќе ја усложнат координацијата и ќе ја намалат ефикасноста на системот. Наместо да се фокусира на одржливи и долгорочни решенија, државата ќе биде преокупирана со административни прашања и политички игри3, потенцираше Битиќи.
Биљана Јордановска / Цивил Медиа