Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) утре на внатрепартиски избори ќе избира лидер на партијата. Гласањето ќе се спроведе во општинските организации од 8 до 20 часот. Избирачкиот список којшто ќе се најде на избирачките места ќе брои 23.373 акредитирани членови на СДСМ кои ќе може да го остварат своето право и да гласаат на 77 избирачки места.
Во трката за лидер на СДСМ се поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.
Кандидатката за претседател на СДСМ, Славјанка Петровска испрати официјално писмо до Централната изборна комисија за претседателските избори во СДСМ, во кое извести дека ја повлекува кандидатурата за претседател.
„Сакајќи да го заштитам СДСМ од нелегитимен избор на претседател и да избегнам да бидам соучесник во ова погазување на Статутот ве известувам дека ja повлекувам мојата кандидатура за претседател на СДСМ. Со оглед на тоа дека овој процес за мене е неприфатлив барам моето име да не стои на избирачкото ливче, со цел гласачите да не бидат доведени во заблуда“, пишува Петровска.
Таа во писмото наведува дека и покрај тоа што на состанок со претставници на ЦИК укажала на бројни неправилности, сепак Петровска не добила никаков одговор што ги побива нејзините тврдења.
Г. Т.