Во ценатрот на Белград на „Теразије“, во организација на еколошките здруженија и невладини организации, поддржани од опозицијата, се одржа голем протест против копањето литиум и бор во Србија, по што граѓаните се упатија во протестна прошетка кон мостот „Газела“ и железничката станица, блокирајќи ги централните белградски улици, јави дописникот на МИА од Белград.
Протестот се одржа по серијата протести низ цела Србија и по истекот на рокот од 40 дена што организаторите им го дадода на властите да прогласат мораториум за ископување литиум и бор во Србија и отворањето рудник на Рио Тинто во Јадар крај Лозница, поради големата еколошка штета што ќе ја има западна Србија.
Според организаторите учествуваа околу 40.000 луѓе, на повик на повеќе еколошки организации.
Протестот го отвори актерката Јелена Ступљанин, а говoреа организаторите, Златко Кокановиќ од „Не го даваме Јадар“, Љиљана Браловиќ од Здружението на еколошки организации на Србија (СЕОС), научниот советник на белградскиот институт за хемија Драгана Ѓорѓевиќ и актерката Светлана Бојковиќ.
– Науката веќе кажа дека најкатастрофалниот начин за експлоатација на литиумот е од рудниците, бидејќи денес литиумот се експлоатира на неколку начини. Најмногу го има во Јужна Америка, Австралија има многу, Америка го има, но денес ископувањето на литиум се врши во пустини и ненаселени области на планетата. Кај нас ова би бил првиот уникатен рудник во населено место, на плодно место, водно место, место за живеење. Се обидуваат да не излажат дека рудникот е под земја, дека е длабок и дека не е проблем за животната средина. Тоа не е точно, нагласи професорката Ѓорѓевиќ.
Протестот е поддржан од опозициските партии и еколошки организации, меѓу кои беше и пратеникот и лидер на Еколошкото востание, Александар Јовановиќ Чута.
– Оној кој го сака својот народ и земја не го протерува селанецот што го храни од својата нива и не доведува Германци, Руси и Кинези без пари да им ги даде природните ресурси. Тој ја чува таа земја, ја штити и ја остава на своите деца. Тоа што прави Вучиќ во последно време и ја нуди својата оставка – Ти Александре Вучиќу не си тема ниту твојата оставка. Не се собравме ние поради тоа. Направи го она што народот ти бара, во спротивно ќе имаш проблем со народот, изјави Чута за македонските медиуми.
Протестот го поддржа и Демократската странка, а лидерот на оваа партија Зоран Лутовац во изјава за МИА кажа дека барањата на протестот се оправдани и тие не се политички.
– Очекувам Александар Вучиќ да ја повлече иницијативата за експлотација на литиум и тоа да има законска санкција, т.е. тоа да се претвори во законска обврска. Толку народ да се собере овде, на 10 август, кога се одмори, а да се соберат повеќе десетици илјади луѓе, многу говори, кажа Лутовац.
По завршување на потестот, активистот на „Не го даваме Јадар“, Златко Кокановиќ ги повика граѓаните да се упатат кон мостот „Газела“, од каде тргнаа во две колони, едната се упати кон „Газела“, додека другата колона се упати кон железничката станица „Прокоп“.
Златко Кокановиќ за ТВ Н1 изјави дека „Прокоп“ и станицата во Нов Беград се избрани како единствени две точки на железничкиот сообраќај во Белград.
– Рековме дека нема да ги малтретираме нашите граѓани. Иако дел од луѓето патуваат со воз, сепак, ги има помалку. А, од утре имаме три до пет точки железнички сообраќај на неколку места во Србија. Ги повикуваме сите организации, секој во своето место каде што има клучна точка, да ја блокира. Србија мора да застане за повторно да стане, рече тој, нагласувајќи дека ќе застанат на шините во Нов Белград цела ноќ, а ако треба и седум дена.
Небојша Петковиќ од Горње Недељице, каде треба да се копа литиум, кој е меѓу групата протестанти кои ја блокираа пругата на станицата Нови Белград, порача дека блокадата на дел од пругата, каде што има два колосека, ќе остане до понатамошно известување, т.е. усвојувањето на законот за забрана за ископ на литиум.
– Полицијата денеска не предупреди дека ова е криминално дело, тоа што го правиме. Не задржаа пет минути, не полицијата туку БИА. Од утре ќе почнат блокади низ Србија на уште три точки, засега. И како што кажав, очекувам реакција низ цела Србија да се блокираат што повеќе пруги, што повеќе патишта, рече тој.
На прашањето дали очекува реакција од надлежните, вели дека по вечерашниот митинг и по вечерашната акција навистина „очекува да се вразумат“.
Вучиќ учесниците ги нарече разбиена банда, претходно потврди дека добил информации од руската тајна служба за можни немири и државен удар
Во пресрет на протестот во Белград, српскиот претседател Александар Вучиќ претходно потврди дека добил информации од руската тајна служба за можни немири и државен удар, додека МВР синоќа уапси четири лица кои имале намера вечерва да направат инциденти, напагајќи ја полицијата.
Учесниците на протестот на „Теразије“ во Белград српскиот премиер Александар Вучиќ ги нарече разбиена банда, додека министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ најави дека по завршувањето на протестот дошло до тешко нарушување на јавниот ред и мир и прекршување на законите и дека против сите сторители ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави, јави дописникот на МИА од Белград.
Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, по повод вечерашниот протест против рудникот за литиум, изјави дека „по којзнае кој пат покажале дека навистина се грижат за животната средина и за здравјето на луѓето“.
– Едни како разбиена банда одат да блокираат, не знаат ни што, но важно е да го загрозат нормалното функционирање на луѓето. Други се подготвуваат, како што велат, да го „ископаат најголемиот гроб во зградата на Претседателството“. Кукавици и лажговци! Екологисти кои не садат дрва, туку копаат гробови, и отворено и монструозно му се закануваат на претседателот Вучиќ со смрт. Нема да го исплашите! И нема да дозволиме да ја загрозувате Србија заради лични интереси кои ги поддржуваат и Курти, усташите и странските служби, напиша Вучевиќ на социјалната мрежа Х.
Вицепремиерот на Република Србија и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека по завршувањето на протестот на „Теразие“ дошло до сериозно нарушување на јавниот ред и мир и прекршување на законите, соопшти Министерството за внатрешни работи на Република Србија.
– Самиот собир на Теразије беше мирен и полицијата процени дека имало меѓу 24 и 27 илјади луѓе, но по митингот организаторите постапија спротивно на се што напишаа во пријавата за јавниот собир, го нарушија јавниот ред и мир и го блокираа меѓународниот сообраќај, со што ја загрозија безбедноста на граѓаните, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека „и меѓу другото, по рецептот на обоените револуции, блокирањето на железничката станица Прокоп, најубавата во овој дел од светот и гордоста на сите граѓани на Србија, која ја изгради оваа власт“.
Организаторите и водачите и пред и за време на протестот полицијата ги предупреди дека тоа што го прават не е во согласност со законот.
– Против сите сторители на кривични дела и прекршоци ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави, се наведува во соопштението.
Фото: МИА
Ј. Ѓ.
Поврзано:
Голем протест се очекува во Белград против најавениот ископ на литиум