Мојот правен тим ќе поднесе тужба против Славјанка Петровска во врска со објавениот статус на фејсбук, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговараќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по средбата со претседателката на Судски совет, Весна Дамева.
„Со жалење го прочитав нејзиниот статус. Не и е прв пат на Петровска да нанесува удар врз мене и моето семејство, на ваков подмолен начин со многу лаги, измислици и конструкции. Таа за жал монструозно ме обвини. Се консултирав со мојот правен тим и ќе покренам тужба“, истакна Мицкоски.
Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, на својот Фејсбук профил утрово објави фотографии од премиерот Мицкоски заедно со Борис Мутков – Фантом, кој според Петровска е лик познат во подземјето. Таа вели дека вчерашната престрелка во Сингелиќ е всушност „испраќање порака кој е кој“ токму од Фантом. Петровска тврди и дека братот на Фантом е дел од обезбедувањето на Мицкоски.
„Утрово ново убиство, нова пресметка. Додека Мицковски се фотографира и се смешка, пукање и мафијашки престрелки на секој чекор.
Лично Мицковски стои и ги одобрува овие мафијашки престрелки, затоа и одбра вчера на големиот христијански празник Преображение, пред Божји храм да се фотографира со Борис Мутков – Фантом, познат лик на скопското подземје. Наместо да ги апсат, тие се фотографираат и смешкаат. Вчерашната престрелка во Синѓелиќ, е всушност пресметка зад која стои Фантом и праќа порака кој е кој. Доказ дека блискоста на Фантом со Мицковски не е монтирана е и фактотот што братот на Фантом е дел од обезбедувањето на Мицковски. Очигледно е дека ДПМНЕ продолжува таму каде што Груевски застана, и затоа многу пократко ќе траете“, напиша во објавата Петровска.
Во врска со денешното убиство во Мавровка, премиерот Мицкоски рече дека „криминални структури имало и ќе има“. Во овој период на транзиција поединци земаат замав, некои охрабрени од центри на моќ, но ние ќе се бориме и ќе ги победиме, истакна Мицкоски.
Едно лице е убиено утрово кај трговскиот центар „Мавровка“. МВР соопшти дека се приведени две лица.
Ова е втора престрелка во последното деноноќие, откако вчера во пукање во скопската населба Ченто, едно лице е повредено.
Ј. Ѓорѓиоски