Најголемиот заемодавач на Северна Македонија, орбановата Унгарија, која ја „почести“ новата Влада со околу 500 000 евра заем под, како што велат од владата, под многу поволни услови, самата се соочува со вртоглав пораст на надворешниот долг, од кој најголем дел отпаѓа на Кина.
Унгарската агенција за управување со долгот во јули откри дека Владата на Орбан обезбедила заем поголем од една милијарда евра од кинеските банки претходно оваа година. Претходно, Унгарија доби заем од 917 милиони американски долари од Пекинг за изградба на брза железница врска меѓу Будимпешта и Белград, клучна компонента на глобалната иницијатива „Појас и пат“ на претседателот Кси Џинпинг, проект кој се соочи со одложувања и доцни.
Буџетскиот дефицит на Унгарија сега достигна 4,5 отсто од БДП, надминувајќи ја границата од 3 отсто на Европската унија, пишува Фрстпост. Како одговор на загриженоста за придржувањето на земјата до стандардите на ЕУ, Брисел замрзна приближно 20 милијарди евра од фондовите на ЕУ по што , во јуни, Европската комисија го отвори патот за „процедура за прекумерен дефицит“ против Унгарија и шест други земји.
Претходно оваа година, владата на Орбан мораше да прогласи одложување на значајните јавни инвестиции поради слабиот економски раст и суспендираните фондови на ЕУ.
Во финансиската структура на унгарскиот долг најголем дел отпаѓа на заеми и инвестиции од Кина. Покрај овие заеми, Унгарија има и девизни обврзници во вредност од 3 милијарди CNY кои доспеваат за отплата на кинеските инвеститори оваа и следната година, што е еднакво на околу 380 милиони евра според сегашните девизни курсеви. Вкупната проценка е дека долгот на Унгарија кон Кина сега надминува 2,536 милијарди евра, иако експертите предупредуваат дека може да биде уште поголем.
Но, ако ја погледнеме другата страна на медаљата, Унгарија покрај финансиските, ги продлабочува и стратешките врски со Кина, поради што расне загриженоста на ЕУ
Додека Европската унија ја гледа надворешната економска политика на Кина како сè попредизвикувачки, унгарската влада се чини дека не е вознемирена од растечката ранливост кон Кина. Всушност, администрацијата на премиерот Орбан постојано го олеснува присуството на Кина во Унгарија, почнувајќи со заедничкиот унгарско-кинески проект за железничката линија Будимпешта-Белград.
Дополнително, Унгарија се отвори за кинеските инвеститори со издавање државни обврзници деноминирани во јуани, додека раснеа кинеските инвестиции, особено во индустријата за батерии, што кулминираше со распоредувањето на кинески полицајци во Будимпешта и прифаќањето на големиот кинески заем. Владата долго време ги чуваше деталите за овој заем во тајност.
За време на посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Унгарија во мај, лидерите на двете земји потпишаа 18 договори за заеднички инвестиции како дел од стратешкото партнерство. Меѓу овие договори, тие планираа да ја прошират унгарско-кинеската соработка низ целиот спектар на нуклеарна индустрија, да започнат подготовки за изградба на железнички прстен околу Будимпешта и да започнат работа на проект за брза железница што ќе го поврзува центарот на Будимпешта со аеродромот Ферихеги.
Дополнително, тие работат на заеднички развој на мрежа за полнење електрични автомобили, започнувајќи со изградба на „најмодерниот, најголемиот, најбезбедниот и најбрзиот транзитен“ граничен премин во Европа меѓу Унгарија и Србија и ја истражуваат можноста за нафтовод меѓу Унгарија и Србија, што покрај кинеското и унгарскотео, ќе вклучува и српско учество. Самата Србија, како што пишуваше ЦивилМедиа, досега соработката со Кина ја чини зголемување на должничкото „ропство“ од 300 милиони на 3,7 милијарди евра, или дури 12 пати , додека кинеските инвестиции кои го преплавија истокот на Србија покажаа дека Пекинг не се грижи за правата на работниците и заштитата на животната средина.
Додека владата тврди дека партнерството со Кина е корисно, опозициските партии го критикуваа недостатокот на транспарентност и наводната корупција, тврдејќи дека проектите првенствено имаат корист за „најтесниот круг на Орбан“.
Премиерот Виктор Орбан води надворешна политика на „источно отворање“ од неговото враќање на власт во 2010 година, поттикнувајќи поблиски економски врски со Кина, Русија и другите азиски нации. Но, она што нас треба да не загрижува, е што спиралата на должничко-доверителските односи на орбановата Унгарија со Кина, преку заемот од 500.000 евра сега стигна и до Северна Македонија.
Драган Мишев / Цивил Медиа