Вработените во паралелните органи на Србија во Северна Митровица денеска повторно се собраа пред зградата на општината, со барање да се вратат на работа, јави дописникот на МИА од Приштина.
По затворањето на српските паралелни институции на северот на Косово во петокот, работниците од овие институции вчера се обидоа да влезат во зградата, тврдејќи дека „дошле на своите работни места“, но беа запрени на влезот од страна на полицијата.
Тие и денеска се собраа пред општинската зграда во Северна Митровица каде што беше пензиското осигурување на Србија и велат дека „нема да си заминат“.
Тие тврдат дека „работата е извор на живот за нив и нивните семејства и дека сегашната ситуација им го отежнува преживувањето и останувањето во Косово“.
Минатиот петок, косовската Влада затвори неколку српски паралелни институции на северот на земјата.
Акцијата предизвика реакции на НАТО, Европската Унија, САД и другите западни земји, кои ја опишаа како „некоординирана“ со западните сојузници и ја оценија како безбедносен ризик.