По трите последователни победи на 45. Олимпијада во шах, македонската машка репрезентација синоќа претрпе тесен пораз од Полска со 1.5-2.5 во рамки на 8 коло, додека дамите по серијата од три ремија забележаа победа над Јужна Африка со 2.5 – 1.5.
Во пресметката со силниот полскиот состав, Тони Лазов продолжи со одличните игри на олимпискиот турнир во Будимпешта и забележа победа на втората табла. Емил Ристески ремизираше на четвртата, додека Евгени Романов и Никола Николовски претрпеа порази.
Женската шаховска репрезентација на Македонија до триумфот над Јужна Африка дојде со победите на Моника Стојковска и Моника Жежовска на првата и третата табла со црни фигури. Ивана Манова ремизираше на втората табла, додека Леа Ефтовска претрпе пораз на четвртата табла.
Денеска на програмата е деветтото коло, а олимпискиот турнир ќе биде затворен в недела.