Од внатрешни извори во ЈП Улици и патишта – Скопје дознаваме за неправилности во работењето на претпријатието, односно на директорот Ванчо Умленски заедно со двоецот Арсовска – Глигоров, соопштуваат во допис до медиумите вработени во ЈП Улици и патишта – Скопје.
„Истите неправилности се нотирани на последната седница на Управниот одбор и влезени се во записникот. Се работи за следново:
- Работа на претпријатието – изградба на објекти во последните три месеци без договори во вредност од 60 милиони денари. Истите средства претпријатието не е во можност да ги фактурира на Град Скопје бидејќи нема договори. За изведба на работите налози се дадени од Арсовска и Глигоров со што е направена директна штета во износ од еден милион евра;
- Изведба на објект Луна Парк – патеки од бекатон во вредност од 15 милиони денари изведени во периодот од април до август 2024, а договорот е потпишан во септември на износ од 7 милиони денари. Врз инженерите и надзорите се врши притисок од страна на директорот и секретарот на Град Скопје за потпишување на градежните книги, иако тоа е надвор од законските прописи.
- Задолжување на претпријатието кон добавувачи во износ од 240 милиони денари (4 милиони евра) и неплаќање на обврските кон добавувачите, односно постои селективно плаќање на обврските како во случајот со Пуцко Петрол. За споредба, долгот на ЈП Улици и патишта Скопје во октомври 2021, кога Арсовска стапува на функција градоначалник на Град Скопје, изнесувал 60 милиони денари. Од ова може да се заклучи дека долгот за три години е зголемен четири пати.
- Побарувањата на ЈП Улици и патишта по основ на активни договори со Град Скопје денес изнесуваат НУЛА денари, додека во октомври 2021 побарувањата од Град Скопје биле 100 милиони денари.
- Доведено е во прашање функционирањето на претпријатието преку неможноста да се исплати плата и неможноста да се набават репроматеријали (битумен, ризла, тампон, рабници, боја…). Поради неплаќање на обврските на Град Скопје кој ЈП Улици и патишта, освен набавката на репроматеријали, не постои можност ниту да се поправат дефектите на градежните машините“, се наведува во соопштението потпишано од вработени во ЈП Улици и патишта – Скопје.