ДЕСТАН ЈОНУЗИ
Албанија денеска (15 октомври) го отвора првиот кластер од преговорите за пристапување кон ЕУ, со што се одвојува од Северна Македонија која не го исполни условот да го смени Уставот и да ја внесе бугарската заедница во Преамбулата. За власата ова е лоша порака кон македонските граѓани, додека опозициската СДСМ гледа тежок пораз за политиките на Владата.
Новинарката Слободанка Јовановска која долги години беше известувач од Брисел во изјава за Фронтлајн вели дека не е проблем што Албанија почна преговори, а ние не.
Според неа, процесот е толку бавен што месеци не играат улога.
– Проблем е што во Македонија нема цврста волја да се почнат преговорите и што евроинтеграцијата ја користат партиите за политички пресметки. Мислам дека од ЕУ ги сакаме само парите, а сè друго што значи европски стандард отфрламе. Се глуми евроинтеграција и намерно се комплицира процесот. Идејата за нови преговори со Бугарија е апсурдна, бидејќи нема големи изгледи да доведе до подобро решение. Мислам сепак дека треба да ѝ оставиме шест месеци на оваа влада да покаже што може и дали може да успее, после тоа да не ни го губат времето и да се свратат кон условите што ги бара Брисел, изјави Јовановска.
Драган Тилев, државен советник за европски прашања за „Фронтлајн“ вели дека европскиот процес или Европеизацијата, односно реформите, треба да се разберат и прифатат како константа и неопходност, и како такви НЕ смее да застанат.
– Реформите мора да продолжат. Секој застој или отстапување од европските реформи ќе нè турне во ќорсокак и ќе значи само загубено време, енергија која потоа ќе треба да ја надомести генерацијата по нас. Важни се локалните проекти, но мора да се најде патот и до стратешките цели, државните проекти кои го надминуваат векот на една Влада, кои треба да обезбедат интегрирање на земјата во големите општествени, политички и економски системи. Членка сме на НАТО, мора да станеме членка и на Европската Унија, и тоа најбрзо што може, вели Тилев.
Процесот, додава нашиот соговорник, на пристапни преговори се одвива по однапред утврдени правила кои се дел од Преговарачката рамка и Заедничката генерална позиција на ЕУ.
– Согласно Договорот за основање на Унијата, одлучувањето за отворање на Кластери е предмет на едногласност. Како што е познато, во билатералниот Протокол 2 потпишан со Бугарија на 17 јули 2022 година, рефлектиран во заклучоците од Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година, е предвидена промена на Уставот како политичка одредница која е заедничка позиција на ЕУ потврдена на Првата Меѓувладина конференција од 19 јули 2022 година, со која формално правно започнаа пристапните преговори за нашето полноправно членство во Европската Унија. Политичката одредница за продолжување на пристапните преговори е позната, но како да се надмине оваа одредница, сè уште е отворено политичко прашање, кое ќе мора да го разрешат политичарите, подвлече тој.
Државниот советник за европски прашања нагласи дека процесот бил и ќе биде проткаен со политички и со технички одлуки. За Албанија, постигната е едногласност за отворање на првиот кластер Фундаменти, за кој таа ги исполнила одредниците за отворање.
– Треба да ѝ посакаме натамошен успех на Албанија и да искажеме задоволство што пријателска соседска држава оди напред во процесот. Од технички аспект и ние сме целосно подготвени да го продолжиме процесот исто така. Северна Македонија ги достави нацрт документите за пресретнување на одредниците за отворање на Кластерот Фундаменти, чија содржина се синхронизира и со Реформската агенда. Веднаш потоа, Европската комисија треба да подготви Извештај за исполнувањето на бараните одредници и да го достави до Комитетот на Советот на ЕУ за преговори. Во тој момент техничкиот дел влегува во политички процес, кој пак зависи од исполнувањето на нашата единствена политичка одредница, нагласи Тилев.
Портпаролката на Европската комисија за соседска политика и проширување, Ана Писонеро ексклузивно за „Фронтлајн“ изјави дека „Комисијата со нетрпение очекува почеток на преговорите за кластерите со Северна Македонија што е можно поскоро, откако земјата ќе ги исполни релевантните критериуми договорени од Советот“.
– Европската унија е подготвена да ја заврши фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија веднаш штом ќе ја спроведе својата обврска за завршување на уставните измени како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година, во согласност со нејзините внатрешни процедури. Во декември 2023 година, Европскиот совет дополнително ја повика Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие промени, изјави Писонеро за „Фронтлајн“.
Европскиот совет ја повика Северна Македонија да го забрза спроведувањето на овие измени, и порача дека одлуките за следните чекори во пристапниот процес се во надлежност на земјите членки на ЕУ, а не на Европската комисија.
Патот на Северна Македонија и на Албанија кон членството во ЕУ беше споен со почетокот на преговорите во летото 2022 годинa. Тогаш беа одржани и првите меѓувладини седница на Скопје и Тирана со Брисел, но отворањето на кластерите беше поместено за втората меѓувладина седница.
Претходно, во ноември 2020, Бугарија стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање – дека македонски јазик не постои, туку станува збор за дијалект на бугарскиот јазик.
По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата, македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Извор: Фронтлајн