Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги олесни извозните ограничувања на американските комерцијални вселенски компании да испраќаат одредени производи поврзани со сателити и вселенски летала до сојузниците и партнерите.
Американските вселенски компании како Спејс Икс (SpaceX) на Илон Маск и големите одбранбени изведувачи со вселенски производи како што се Локед Мартин (Lockheed Martin), Л3 Харис Технолоџис (L3Harris Technologies) и Боинг (Boeing) би можеле да имаат корист од новите правила, кои беа објавени во Федералниот регистар во четвртокот попладне.
„Како што расте различноста на комерцијалните активности во вселената, овие правила ќе го намалат товарот на американската индустрија да продолжи со иновации и да предводи во вселенскиот сектор“, се наведува во писмената изјава на заменик-секретарот на Министерството за трговија, Дон Грејвс.
Ажурирањата ќе придонесат и за способноста на САД да ги „прошират и продлабочат меѓународните партнерства, да ја развијат својата економија и да соработуваат на заедничките вселенски приоритети“, рече Грејвс.
Одредени ставки кои вклучуваат вселенски летала за далечинско набљудување или вселенско логистичко склопување и сервисирање на вселенски летала повеќе нема да бараат лиценци за испорака во Австралија, Канада и Обединетото Кралство, се вели во соопштението на Министерството за трговија.
Правилата би можеле да им помогнат на САД да продолжат со трилатералниот безбедносен пакт АУКУС помеѓу Обединетото Кралство, САД и Австралија, кој беше формиран во 2021 година за да одговори на растечката моќ на Кина во индо-пацифичкиот регион. Дел од пактот се фокусира на споделување технологија.