Гевгелија и Негорските бањи втора година по ред овој викенд ќе бидат домаќини на Панкс Бекјард Ултра – уникатна атлетска трка којa бара од учесниците да ја завршат патеката долга 6,7 километри во временскиот период од еден час, но трчајќи повторно и повторно следен круг се додека не остане само еден учесник, кој ќе се смета за победник на трката со истрчани најголем број на кругови.
Организаторите на Панкс Бекјард Ултра, здружението ТРЕКС од Скопје и АК 7 Ноември – Гевгелија, соопштија дека се пријавени се 70тина натпреварувачи од пет држави, а очекувањата се дека неколкумина од нив ќе истрчаат најмалку 24 круга односно 24 часа и околу 170 километри. Ги повикуваат сите љубители на спортот да дојдат во Негорски бањи и да се придружат во бодрење на натпреварувачите.
Официјалниот старт е денеска и е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје во соработка со АК 7 Ноември – Гевгелија.
Новина оваа година е што Панкс Бекјард Ултра ќе биде домаќин на Националното првенство во ултрамаратонски трки во бекјард како дел од Светското првенство. Секоја држава одбира репрезентација од 15 луѓе кои ќе трчаат на бекјард организиран во својата земја, како дел од светското сателитско првенство кое ќе се одржува истовремено во 64 држави од светот.
Организацијата на Punk’s Backyard Ultra ги замолуваат возачите на моторни возила да бидат внимателни и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација на регионалниот пат Р1102 помеѓу Негорци и Мрзенци кај (јужната) крстосница за влез и излез во Негорските бањи поради тоа што учесниците на натпреварот ќе преминуваат на патот на тоа место.