„Има ли некој да му стави метал на Дерала?“, гласи коментарот со повик за насилство на очигледно лажниот профил со името „Мирослава Симоновска“ на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, под текстот „Унгарија влегува во Северна Македонија со телекомуникациите преку 4iG Групацијата“.
Веројатно направила печатна грешка и мислеше на метак наместо метал, со оглед дека буквите К – Л се една до друга во азбуката и на тастатурата.
Како и да е, физичко насилство или убиство се извршува и со метак и со метал.
Фејсбук профилот Мирослава Симоновска нема никакви информации, односно може да се заклучи дека се работи за лажен профил кој има наменска улога.
Лажен профил или не, Министерството за внатрешни работи односно Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика имаат обврска да ги следат овие состојби и да постапуваат според законските прописи. Истото се однесува и на обвинителството.
Ова не е прва закана кон претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала. „Метак у глава“, „народен суд“ и „стрелање“ се редовен репертоар на изразите на омраза и повиците за ликвидација против „тие од Цивил“ и лично против Дерала и во изминатиот период.
„Во овие услови само за метак у глава на Дерала може да се говори“, пишува „Маја Вркљовик“.
„Тие од Цивил треба пред народен партизански суд како во 1945 да бидат извадени. Тие се грко-балистички северџани, само доживотен затвор за предавниците“, коментира „Тони Моневски“.
Без оглед на тоа дали се работи за текст што е потпишан од Дерала или од некој друг, или се работи за вест преземена од агенциските тикери – говорот на омраза и повиците за ликвидација сеедно се насочуваат против Цивил и нејзиниот најистурен претставник, Џабир Дерала.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) дури по девет месеци (на 17.09.2024, а одлуката кај нас стигна на 8 октомври 2024) од пријавата поднесена (на 24.01.2024 година), оцени дека заканувачката порака „Биди видлив гнидо, куршумот кај и да е ќе те стигне“ од профилот со назив „Александар Антиќ“, односно Александар Петровски, упатена кон Џабир Дерала, за колумната „Снајперисти со врзани очи“, било „новинарско препукување, без конкретна намера и цел, да се упати закана, ниту да се заплаши било кој, особено не авторот на текстот Дерала“.
Правниот тим на ЦИВИЛ констатира дека нејасно е како – и врз основа на што – јавниот обвинител заклучил дека станува збор за „новинарско препукување“, особено што не е утврдено дали лицето Александар Антиќ е новинар или не. Исто така, јавниот обвинител можел и требалo по службена должност да обезбеди докази за точната ИП адреса од каде е ставен коментарот, а не тоа „недостигот на докази за точната ИП адреса од каде е ставен коментарот“ да биде причина за непостапување на јавниот обвинител.
ЗНМ и другите новинарски здруженија молчат. Молчат и организациите за човекови права кои со години спроведуваат проекти за мониторинг на говорот на омраза. Од друга страна, ЦИВИЛ е секогаш тука да излезе во одбрана на сите што се засегнати со ова зло во јавниот дискурс.ЦДМТ
Преземено: Цивил Медиа