Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2024 година реално ги отсликува моменталните состојби со евроинтеграциските процеси, вели во изјава за „Фронтлајн“, Димитар Николовски извршен директор на ЕВРОТИНК.
– Извештајот реално ги отсликува моменталните состојби со евроинтеграциските процеси. Воглавно, се повторуваат истите критики за борбата против корупцијата и криминалот, судството, функционалноста на Собранието, како и усогласеноста со надворешната и безбедносна политика. Исто така, се повторува неопходноста од уставните измени, нагласува Николовски.
Овој извештај, додава тој, во комбинација со Реформската агенда, уште еднаш треба да се земе како инспирација за враќање на реформите на голема врата, кои за жал беа заборавени поради преоптовареноста со односите со Бугарија и уставните измени.
Бугарскиот новинар и познавач на проблемот Скопје – Софија, Александар Марков, во изјава за „Фронтлајн“ вели дека мотивот зад одложувањето на усвојувањето на уставните измени се чини е потрагата по конфронтација со Бугарија, што би ги оправдало чекорите на новата влада на внатрешно-политички и надворешнополитички план
– Мотивот зад одложувањето на усвојувањето на уставните измени се чини е потрагата по конфронтација со Бугарија, што би ги оправдало чекорите на новата влада на внатрешно-политички и надворешнополитички план. Овие чекори не се кон ЕУ. Случувањата околу изградбата на Коридорот број 8, одвојувањето на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ, реакциите околу посетата на претседателката Гордана Силјановска на Софија, предлогот на унгарскиот премиер Виктор Орбан да биде „посредник“ во односите со Бугарија – сите овие сигнали укажуваат на вистинската насока, дека господинот Мицкоски можеби гледа во две насоки, вели Марков за „Фронтлајн“.
Според него, вклучувањето на Бугарите во Уставот е инсистирање на самите Бугари, кои се граѓани на Република Северна Македонија и кои инсистираат на еднакви права. Бугарија го поддржува ова легитимно барање.
– Прашањето за уставните измени е директно поврзано со почитувањето на човековите права на сите заедници во државата. Во оваа смисла, апсурдно е Скопје да ги држи во заложништво правата на сопствените граѓани, додава нашиот соговорник.
Меѓу другото во извештајот на Европската Комисија стои дека Северна Македонија сè уште нема усвоено измени со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата, како што се Бугарите. ЕК останува на политиките за проширување, но за Грузија го запира процесот.
„Северна Македонија сè уште нема усвоено релевантни уставни измени со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од друга заедница, како Бугарите што земјата се обврза да ги започне и постигне. Билатералните договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија“, пишува во извештајот.
Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но, Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.
Новата Влада, предводена од ВМРО ДПМНЕ неодамна побара од Брисел да се измени условот, односно важењето на уставни промени со кои Бугарите ќе влезат во Преамбулата да имаат одложено дејство, односно тие да важат по завршувањето на преговорите, или пак, да се обезбедат европски гаранции дека нема да има наметнување на нови услови од Бугарија во преговарачкиот процес.
На 25 септември 2024 година ЕУ одлучи дека патот на Албанија за пристапување ќе биде одвоен од Северна Македонија, а првите преговарачки кластери официјално отворени на 15 октомври. Ова одлука беше донесена едногласно од амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија.
Дестан Јонузи
Поврзано: